Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во четвртокот во египетската престолнина Каиро оцени дека големата израелска операција во Рафах на југот на палестинската енклава Појасот Газа на самата граница со Египет, би била „грешка“ и дека е „можен“ договор за прекин на огнот меѓу Израел и палестински Хамас.
„Јазот се намалува“ во разговорите за прекин на огнот во Газа што се одржуваат во Доха, каде шефот на израелското разузнавање ќе се сретне со шефот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) во петок, и „иако е тешко да се постигне (договор), сепак тоа е можно“, изјави Блинкен.
„Постојат подобри начини за управување со заканата од Хамас“, додаде тој, нарекувајќи ја израелската копнена инвазија на Рафах „непотребна“. Во Рафах, на границата со Египет, речиси 1,5 милиони Палестинци раселени поради војната побараа засолниште во градот во кој пред војната имаше 300.000 жители.
Блинкен ги потврди претходните информации дека САД поднеле нацрт-резолуција до членките на Советот за безбедност на ОН во која се повикува на „итен прекин на огнот поврзан со ослободувањето на заложниците“ во Појасот Газа. Гласањето за овој текст сè уште не е закажано.
Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри, исто така, повика на прекин на огнот и ослободување на заложниците и затворениците по повеќе од пет месеци војна што започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
„Израел не смее да изврши никаква воена операција во Рафах за да нема уште повеќе жртви и прогонети“, рече тој.
Претходно во четвртокот Египет, Катар, Саудиска Арабија, Јордан и Обединетите Арапски Емирати учествуваа на министерскиот состанок во Каиро за војната во Појасот Газа. Во заедничката изјава, учесниците повикаа на „целосен и итен прекин на огнот“ и „отворање на сите премини меѓу Израел и Појасот Газа“, преку кои се доставува хуманитарна помош во капки.
На состанокот присуствуваше и Хусеин ал=Шеик, близок соработник на палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој владее со Западниот брег додека Хамас го контролира Појасот Газа.