Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторникот рече дека САД сметаат дека тужбата на Јужноафриканската Република (ЈАР) против Израел за геноцид во палестинската енклава Појасот Газа е „неоснована“, но и дека дневниот број на жртви во Појасот Газа е „премногу“ висок.
Блинкен ова го изјави на прес -конференција по разговорите со израелските челници во Тел Авив. Блинкен рече и дека Палестинците мора да можат да се вратат дома штом тоа го дозволат условите и потсети на договорот за планот Обединетите нации да ја спроведат проценката на ситуацијата во Појасот Газа.
Тој, исто така, рече дека САД отфрлаат какви и да се предлози за преселување на Палестинците од Појасот Газа, како што сакаа израелските челници, и нагласи дека палестинската управа мора да се реформира.
Блинкен, кој посети неколку земји на Блискиот исток од почетокот на седмицава, рече дека многу земји од Блискиот исток се подготвени да инвестираат во иднината на Појасот Газа, но само доколку има јасен пат до формирање на палестинска држава.
Тужба за геноцид
На крајот на декември, Јужноафриканската Република побара од Меѓународниот суд на правдата (МСП) итно да прогласи дека Израел ги прекршил своите обврски од Конвенцијата за геноцид во војната против Хамас во Појасот Газа, која Израел ја отфрли како ирелевантна.
Јужноафриканската Република ги опиша акциите на Израел во Газа како „геноцидни по карактер, бидејќи тие се наменети да доведат до уништување на значителен дел од палестинската национална, расна и етничка група“. „Станува збор за убиства на Палестинци во Газа, нанесување сериозни физички и психички повреди и наметнување услови за живот за нивно физичко уништување“, се наведува во тужбата.
ЈАР, исто така побара судот, како привремена мерка, да му наложи на Израел да ги запре своите воени операции во Газа. ЈАР може да ја иницира оваа постапка врз основа на Конвенцијата за геноцид затоа што, како и Израел, тоа е потписник на споменатата конвенција.
Со децении, ЈАР ја поддржува палестинската борба за државност на териториите окупирани од Израел, споредувајќи ја позицијата на Палестинците со позицијата на црното мнозинство во Јужна Африка за време на апартхејдот, што Израел го негира.
Израел го отфрли покренувањето постапка за геноцид од ЈАР пред Меѓународниот суд на правдата како „бесмислена клевета“ и „без правна основа“ и тврди дека го почитува меѓународното право во војната против Хамас во Појасот Газа.
„Република Јужна Африка соработува со терористичка група која повикува на уништување на Израел“, рече израелското Министерство за надворешни работи. „Населението на Газа не е непријател на Израел и Израел се стреми да не им наштети на цивилите“, додаваат од Израел и покрај жестоките критики од меѓународната заедница поради речиси 23.000 жртви од почетокот на војната во Појасот Газа, од кои повеќе од третината се деца.