Блинкен тврди дека испораката на оружје го стабилизира фронтот во Украина, го повикува Израел на план за „повоена“ Газа

Испораката на американско оружје за Украина помага да се стабилизираат првите линии на фронтот, тврдеше во средата американскиот државен секретар Антони Блинкен, додавајќи дека Вашингтон работи на испраќање дополнителна противвоздушна одбрана во Киев.

Блинкен на прес-конференција во главниот град на Молдавија, Кишињев, рече дека „поддршката за Украина јасно му кажува на рускиот претседател Владимир Путин дека не може да издржи подолго од Киев“.

Шефот на американската дипломатија претходно во средата пристигна во Молдавија и ова е негова прва станица како дел од кратката европска турнеја чија цел е зајакнување на западната поддршка за Украина меѓу членките на НАТО и соседните земји.

Блинкен тврдеше и дека Русија го искористила одложувањето на гласањето за пакетот американски воена помош за Украина од 61 милијарда долари, но дека оружјето „сега пристигнува на бојното поле и прави разлика“.

„Гледаме дека тие (оружјата) имаат вистинско влијание, вклучително и во стабилизацијата на фронтот“, уверува Блинкен.

Во текот на конференцијата со претседателката Маја Санду, Блинкен ја пофали „издржливоста на нејзината земја и покрај руската „злоупотреба“. „И покрај тоа, ја видовме извонредната издржливост на водството на Молдавија, а особено на нејзиниот народ“, рече.

Блинкен рече дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден работи со Конгресот за да обезбеди дополнителни 50 милиони долари помош за Молдавија за да ѝ помогне во борбата против руското влијание, вклучително и преку реформи во енергетскиот и земјоделскиот сектор и борбата против дезинформациите.

Приднестровје, или Трансдњестрија, каде што главно живеат Руси, русофони и Украинци, во 1990 година, пред распадот на СССР се отцепи од советската република Молдавија, стравувајќи од тенденциите на оваа земја, каде што официјален јазик е романскиот – да се присоедини кон Романија. По две години избувна кусиот судир. Во војната која избувна во овој регион во 1992 година загинаа околу 1.500 лица. Оттогаш, практично Приденстровје е независно иако не е признато од ниедна држава, а меѓународната заедница го смета за составен дел од Молдавија, земја со 3,5 милиони жители меѓу Романија и Украина.

Рускиот баталјон со 400 припадници беше испратен по вооружениот конфликт од 1992 година меѓу Молдавија и Приднестровје, како дел од меѓународните мировни сили, во кои се вклучени и воени набљудувачи од Молдавија и од Украина.

Парламентот во Приднестровје кон средината на април 2014 година поднесе барање до рускиот парламент и претседателот на Руската Федерација да започнат процедура за признавање на независноста. Одлуката се заснова врз резултатите од референдумот од 2006 година кога дури 97 отсто од гласачите ја поддржале независноста на Придњестровје како и барањето за присоединување кон Русија.

Американскиот државен секретар во Молдавија го повика Израел да излезе со повоен план за Газа, предупредувајќи дека во спротивно може да дојде до беззаконие, хаос и враќање на Хамас. Ја нагласи сериозноста на ситуацијата поради инфилтрацијата на Хамас меѓу цивилите.

„Мислам дека ова нагласува колку е важно да се има план за следниот ден… Ако не, Хамас ќе остане на власт, што е неприфатливо“, рече тој.