Блинкен: Вашингтон не е вмешан во убиството на лидерот на Хамас

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека Вашингтон не е вмешан во убиството на лидерот на палестинската организација Хамас, Исмаил Ханија, извршено во Иран.

– Тоа е нешто за што не знаевме, ниту бевме вклучени, истакна Блинкен при неговата посета на Сингапур.

Тој додаде дека САД ќе вложат максимални напори за прекин на огнот во Појасот Газа и за ослободување на Израелците кои се заложници на Хамас.

Ханија живееше во Катар, но допатува во Иран да присуствува на инаугурацијата на новиот шеф на иранската држава.