Блинкен во Африка настојува да го спречи влијанието на Русија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во неделата во Јужноафриканската Република, во рамките на неговата африканска турнеја чијашто единствена цел е да се спречи влијанието на руската дипломатија, чиј шеф Сергеј Лавров неодамна се сретна со челниците на континентот.

Турнејата на Блинкен ќе ги опфати и Демократска република Конго и Руанда.

Јужноафриканската Република е членка на групата БРИКС, во којашто покрај Бразил и Индија, се уште и Русија и Кина коишто САД ги доживува како свои најголеми противници во глобалните политички движења. ЈАР од почетокот на војната во Украина зазема неутрален став, одбивајќи ги повиците од Вашингтон да ја осуди Москва. Пред почетокот на војната во Украина, во извештаите од САД, како главен ривал за влијание во Африка беше посочувана Кина.

Блинкен во понеделникот ќе се сретне со министерката за надворешни работи на ЈАР, Наледи Пандој, кога според најавите од Преторија треба да ја објави новата американска стратегија во однос на Африка. Ќе се разговара, се додава во соопштението, за „најновиот развој на настаните поврзани со светската геополитика“.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека целта на Блинкен е да им покаже на „африканските земји дека имаат клучна геостратешка улога и дека се важни сојузници во горливите прашања на нашето време, од промовирањето на отворениот и цврст меѓународен став до борбата против климатските промени, пандемиите и несигурноста со храната“.

По ЈАР, Блинкен ќе патува во ДРК а потоа и во Руанда. Двете земји се во нова фаза од заострување на меѓусебните односи, од Конго ја обвинуваат соседната земја дека ги поддржува бунтовничкото „Движење 23-ти март“, што го негираат во Кигали.