Блинкен: Во контакт сме со новата влада во Сирија

Соединетите Држави воспоставија „директен контакт“ со Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), движењето на чело на коалицијата што ја презеде власта во Сирија, изјави државниот секретар Антони Блинкен, чија земја ја смета групата за „терористичка“. Џезира Балкан.

-Бевме во контакт со ХТС и други страни – им рекол Блинкен на новинарите по дискусијата за Сирија во Јордан, пренесува Хина.

Тој не даде повеќе детали за околностите на тие разговори, но на прашањето дали САД имаат директен контакт, тој одговори: „Директен контакт, да“.

Блинкен прецизираше дека контактот бил дел од напорите да се лоцира Остин Тајс, американски новинар кој бил киднапиран во 2012 година на почетокот на сириската граѓанска војна.

-На сите страни со кои бевме во контакт им нагласивме дека е важно да го најдеме Остин Тајс и да го вратиме дома – рече тој.

Не се очекува дека САД брзо ќе ја отстранат ознаката „терористичка“ група, особено за време на политичката транзиција пред доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари.

Во Акаба, Јордан, како дел од турнејата низ Јордан, Турција и Ирак, Блинкен учествуваше на разговори на кои се собраа арапски, европски и турски дипломати.

-Се согласивме дека процесот на транзиција мора да го водат и контролираат самите Сиријци и дека тоа резултира со инклузивна и репрезентативна влада – рече тој.

-Мора да се почитуваат правата на сите Сиријци, вклучително и правата на малцинствата и жените. Хуманитарната помош мора да стигне до луѓето на кои им е потребна – додаде тој.

Тој исто така рече дека учесниците во разговорите се согласиле дека „државните институции“ мора да продолжат да даваат основни услуги.

Во заедничката изјава објавена подоцна вечерта, учесниците ја истакнаа „важноста на борбата против тероризмот и екстремизмот“ и „потребата да се спречи какво било обновување на терористичките групи“.