Американскиот државен секретар Ентон Блинкен во интервју за Еј-би-си њуз изјави дека прогласената воена состојба од рускиот претседател Владимир Путин во незаконски анектираните региони на Украина „зборува за неговиот очај“ во време кога украинските сили продолжуваат со успесите на фронтот.
-Само во последните неколку недели тој се обиде да мобилизира дополнителни сили, тој појде на таа фиктивна анексија на украинска територија. А сега, прогласената воена состојба на овие територии, со жители кои според неговите искази сакааат да бидат дел од Русија, покажува дека тој се наоѓа во очај, изјави Блинкен.
Тој беше прашан дали САД сметаат дека Русија се подготвува за тотална војна, државниот секретар изјави дека руската инвазија сѐ повеќе станува неселективна во своето насилство.
-Сѐ почесто се репресираат граѓаните на Украина, се вршат неселективни бомбардирања, под удар се дури и електро станиците, бомби паѓаат на училиштата, на болниците, тоа е доволно блиско кон ова, изјави Блинкен.
На брифингот синоќа земеник портпаролот на Стејт департментот изјави дека Иран ја нарушил резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со тоа што ја снабди Русија со беспилотни летала. Поради тоа, САД ќе ја поддржат Украина ако таа ги раскине дипломатските односи со Иран.