Блискиот исток ја зголеми цената на нафтата на 76 долари

Цените на нафтата скокнаа до 76 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи трговците стравуваат дека одговорот на Тел Авив и Вашингтон на иранскиот напад врз Израел би можел да ја продолжи спиралата на вооружени судири и да го наруши снабдувањето со можни напади врз иранската нафтена инфраструктура.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнево беше за 2,26 долари повисока од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 75,82 долари. Вчера ја затвори трговијата со добивка од 1,86 долари.

На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по повисока цена од 2,38 долари, од 72,22 долари. Вчера тргувањето го затвори со добивка од 1,66 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) oбјави дека барелoт од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот паднал за 1,66 долари на 71,34 долари.

Пазарите во вторникот беа потресени од нападот на Иран врз Израел. Техеран истрела стотина ракети врз цели во Израел, како одговор на израелските напади врз Либан последните денови во кои загинаа стотици цивили и група политички и воени претставници од либанската шиитска групација Хезболах.

Во средата, Иран рече дека неговиот одговор е завршен доколку реакцијата на Израел не бара нови потези. Тел Авив веќе најави „последици“, а Вашингтон најави поддршка за „одбраната“ на Израел.

Изјавите покренаа лавина шпекулации дека цел може да биде и нафтената инфраструктура во Иран. Израелскиот и американскиот одговор „може да вклучи оштетување на нафтените постројки на Иран или дури и нивно целосно уништување“, вели Тамаш Варга од PVM.

Аналитичарите на „Capital Economics“ шпекулираат за можни последици по понудата.

„Иран сочинува околу четири отсто од глобалното производство на нафта, но важен елемент во анализите ќе биде прашањето дали Саудиска Арабија ќе го зголеми производството во случај на прекин на снабдувањето од Иран“, пишуваат тие.

Производството на нафта во Иран во август го достигна највисокото ниво во последните шест години, од 3,7 милиони барели дневно, покажуваат пресметките на аналитичарите на ANZ.

Група министри од членки на OPEC и групата нивни сојузници големи независни произведувачи предводени од Русија, познати како OPEC+, ќе се состанат подоцна во текот на денот за да ја разгледаат состојбата на пазарот. Извори во вторникот изјавија дека групата најверојатно нема да го промени планот и ќе ја потврди одлуката за зголемување на производството од крајот на годината за 186.000 барели дневно.