Близу 60% не поддржуваат родот да биде променлива категорија

Близу две третини од граѓаните сметаат дека родот не е променлива категорија и дека тоа не зависи од личното чувство на човекот, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 64,7% од граѓаните сметаат дека родот не е променлива категорија во која има повеќе родови во зависност од личното чувство на поединецот, односно дека постојат само мажи и жени. 17,3% од анкетираните велат дека родот сепак е променлива категорија во која секој може да се чувствува како што сака.

Точно 57,3% од анкетираните велат дека не би поддржале закон кој ќе гарантира еднакви можности на секој поединец без разлика на полот и родовиот идентитет вклучувајќи ги и трансродните и не бинарни лица. 18,6% немаат проблем да поддржат вакво законско решение.

Наспроти овие ставови, граѓаните немаат проблем со поддршка на законски решенија кои нудат еднакви можности и на мажите и на жените. Три четвртини од нив или 75,8% велат дека би поддржале законско решение кое ќе гарантира еднакви можности на секој поединец без разлика на полот, додека 11,5% не би дале поддршка.
Нема големи разлики меѓу ставовите на Македонците и етничките Албанци по ова прашање. 73% Македонци даваат поддршка а 12% се против. Кај етничките Албанци поддршка даваат 84,5% а против се 9,8%.

Мнозинството граѓани се на ставот дека воведувањето на можноста родот да може да се менува според личното чувство на поединецот ги уназадува правата на биолошките жени. Вака размислуваат 42% од анкетираните, додека 21,6% сметаат дека нивните права ќе останат исти. Само 3,3% од граѓаните сметаат дека со воведувањето на можноста секој родовата определба да ја дефинира според личното чувство ќе ги унапреди правата на биолошките жени.

Над три четвртини од граѓаните или точно 75,7% се против можноста трансородвите биолошки мажи кои се идентификуваат како жени да учествуваат во женски спортски натпревари додека 7,3% се за.