Делницата од Ќустендил кон бугарскиот премин Ѓуешево денеска претпладне ќе биде блокирана поради масовен протест на граѓаните од Ќустендил.
Тие на овој начин го изразуваат своето незадоволство од изборните резултати на предвремените парламентарни избори, одржани на 5 октомври, според кои партијата на Турците-Движење за права и слобода (ДПС) освои мандат во Ќустендилската област за 43-то Народно собрание на Бугарија.
Како што пренесува бугарскиот портал „Дарик нуз“, блокадата ќе започне во 11 часот по македонско време, со автомобилска поворка од плоштадот во Ќустендил по меѓународниот пат кон Македонија, се до клучката за пограничното село Жилинци, во непосредна близина на граничниот премин.
Граѓаните од Ќустендилската област остро реагираат на, како што велат, „замената на гласови“ и неправичната методологија на обработка на гласовите. За нив е спорно што кандидатот за пратеник Александар Методиев од ДПС, познат како Бат Сали, е избран за пратеник со само 864 гласа и тоа добиени, главно, од гласачите од изборните единици во странство. Имено, во Ќустендилската област од вкупно 62.000 гласа, ДПС има нешто повеќе од 1 процент од гласовите на избирачите,што, според нив, не е волја на бугарските граѓани и не е испочитуван гласот на вистинските избирачи.
Денеска ќе се организира мирен протест и во Дупница, со блокада на главниот пат Е-79, а во исто време во Ќустендилската област е покрената петиција „Не на замената, не на назначувањето пратеници“, која досега е потпишана од 3.000 граѓани, меѓу кои и од градоначалникот на Ќустендил Петар Паунов и општинските советници.