Блокадата е вина на неспособната и шарлатанска политика на СДСМ и Заев

Цели три години Заев, Шекеринска, Димитров, Пендаровски нѐ убедуваа дека сите надворешни прашања се затворени. Овие денови нивната политика доживува фијаско на надворешен план. Што би рекле народски, заради шарлатанството на СДСМ, граѓаните фигуративно останаа со куси ракави, односно ништо од ветувањата на Заев и Шекеринска дека ќе не внесат во ЕУ, рече на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Жалосно е што трпи целата држава и целиот народ заради егзибициите на тројца-четворица залутани политичари во Владата кои немаат ниту грам одговорност и срам. Да се потсетиме преку едно видео што говореше Шекеринска во септември 2017-та година. Шекеринска тогаш ветуваше дека договорот за добрососедство ќе ја движи напред земјата, дека поддршката од нашиот сосед на патот кон ЕУ е огромна и слично, а денес гледаме блокада. Очигледно ветувањата што ги давале Шекеринска, Заев и останатите биле преголеми за да може тоа да го поднесе бугарската страна, бидејќи биле изневерени – вели Арсовски.

Тој повторно праша што договориле во Берлин, односно што прифатиле, Заев, Димитров, Пендаровски и Шеќеринска. Која е цената која треба да ја плати македонскиот народ и Република Македонија, заснована на ветувања и распродавањата од страна на Заев и останативе политичари на македонските национални интереси и интересите на граѓаните.

– Што прифатиле СДСМ во однос на историјата и историските личности? Дали можеби се откажале од сѐ што е македонско и се поврзува со националниот идентитет врз кои почива, а тоа се историските личности и случувања? Впрочем, ако се изразиме со неартикулисаниот крик на Димитров, „Срамота е луѓе” што криете од сопствениот народ што сте се договориле и што сте ветиле. Оваа блокада е единствено вина на неспособната, пазарџиска и шарлатанска политика на меѓународен план на СДСМ и Заев. Затоа е потребна Влада на национален спас и тоа веднаш, за да не испере од овој срам кој ни го нанесоа СДСМ – рече Арсовски.