Блокиран словачки граничен премин со Украина поради поради спорот за камионскиот транспорт

Словачки граничен премин со Украина е блокиран во вторникот, соопштија полицијата и медиумите, иако синдикатот на словачките транспортери се огради од тоа тврдејќи дека наводно тоа е дело „на само еден камион“.

Словачките камионџии ги поддржуваат своите полски колеги кои се обидуваат да издејствуваат ограничување на бројот на украински камиони кои влегуваат со повластувања во Европската унија, додека превозниците од соседните земји ја губат заработката. Тие организираа симболична кратка блокада на главниот граничен премин минатата седмица за да покажат поддршка, но рекоа дека ќе чекаат преговори пред да преземат натамошни чекори.

Возачите на камиони од Украина се ослободени од дозволи за преминување на границата по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Полските и словачките транспортери предупредуваат дека тоа му штети на нивниот бизнис.

Милослав Токар, од граничната полиција на Словачка, рече дека камионџиите го блокирале од палднето во вторникот граничниот премин, единствениот меѓу двете земји за тешки возила, и дозволувале преминување на само ограничен број украински камиони.

Словачката новинска агенција TASR објави дека камион го блокирал преминот Висна Немечка во вторникот, цитирајќи го словачкиот транспортен синдикат UNAS. Претседателот на синдикатот, Станислав Скала, телефонски изјави за Reuters дека синдикатот ќе чека разговори од претставници на ЕУ, Полска и Украина пред официјално да се приклучи на блокадите на полските колеги.

Украинската царина објави на платформата Telegram дека „непознати лица го блокирале товарниот сообраќај без никакво предупредување“, но исто така додаде дека Украина не добила никакви официјални информации од словачката страна. Според овој извор, словачката страна ќе почне да пушта камиони во 20 часот по локално време, по пет на час.

Украина и Полска разговараа за граничните блокади минатата недела, но без напредок. Украинските власти во неделата објавија дека околу 3.000 претежно украински камиони, вклучително и камиони што превезувале гориво и хуманитарна помош, се заглавени на полската страна од границата.