Блокирана работата на второстепената државна комисија

Жалбите на граѓаните заглавени во државните фиоки. Второстепената државна комисија за инспекциски надзор со месеци не работи. Старото раководство е разрешено – нова екипа нема. Вработените во стручните служби се жалат дека не земаат ниту плата. Нема раководно лице кое ќе ја потпише потребната документација.  Со писмени молби до Собранието бараат итно решение.

Со разрешувањето на Претседателот и членовите од претходниот состав на Државната комисија и неименувањето на нов состав на комисијата, вработените во стручната служба на комисијата веќе два месеци не зеле плата и целокупната работа и функционирање на Државната комисија е во застој, со што се засегнати и граѓаните на Република Македонија.- пишува во писмото испратено до медиумите.

Целата Комисија беше разрешена на 19 март, со одлука на Собранието. Од тогаш, во два наврати,  испратиле писма до претседателот на Собранието Талат Џафери и генералната секретарка Цветанка Иванова. Барале да се овласти раководен административен службеник кој ќе може да ја потпише потребната документација за да се подели плата и да се платат сите режиски трошоци, но не добиле одговор.

Вкупно 442 жалби на граѓани во моментов се заглавени во Комисијата. Сите пристигнале за само два месеца. Од овој државен орган, потенцираат дека жалбите имаат и законски рокови. Генералната секретарка на Собранието во изјава за телевизија 24, вели дека конкурсот за избор на нов состав на комисијата е завршен, но допрва ќе се чека предлог- кандидатите да се најдат пред пратениците.