„Блокотехна“ подобра од „МЗТ“ во Гевгелија

Кошаркарите на „МЗТ Скопје Аеродром“загубија на вечерашното гостување во Гевгелија кај „Блокотехна“ со 94:106, и ја пропуштија шансата со брејк да направат голем исчекор на патот кон финалето од плејофот.

Резултатот во полуфиналната серија сега е 1:1, а се игра до три победи.

Домашните ја контролираа играта и резултатот во трите четвртини од мечот во кои обезбедија предност од 18 поени 76:58. Тогаш „аеродромци“ заиграа многу подобри и предводени од Дарко Соколов, кој постигна 13 поени во овој дел од играта, дојдоа до достижна негатива 75:83, но, сепак, не успеаја да направат целосен пресврт.

Кошот на Двејн Бенџамин со успешно изведено дополнително фрлања на две минути до крајот го зголеми водството на гевгеличани на 98:84 што беше крај на сите надежи дека нашите момци ќе може да дојдат до триумф. Пресудно за поразот на првакот беше драстичната разлика во слободни фрлања со оглед што гостите имаа 6од 9 додека домаќинот 27 од 31 од линијата за еден поен.

Бенџамин со 31 поени и осум скока беше убедливо најдобар во составот од Гевгелија, Мијатовиќ постигна 20, Главчев 16 со само едно промашување, Стојан Ѓуроски 15, а Карновски 12 поени со десет асистенции и осум скока. Соколов со 16 поени беше најпрецизен кај „металците“, Марко Симоновски реализира 14, а Дамјан Стојановски 13 поени.

Следниот меч се игра во недела во „Јане Сандански“ со почеток во 18 часот.