Европската дипломатска служба (ЕЕАС) подготвила серија санкции, кои треба да бидат воведени против режимот на Милорад Додик, пишува американскиот весник Блумберг.
На состанокот на 21 февруари министрите за надворешни работи на тој блок ќе разговараат за санкциите, се наведува во текстот на Блумберг, кој го пренесе порталот Политички.ба.
Се додава дека вакви потези најавил и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, реагирајќи пред два дена на одлуките на Собранието на Република Српска да отпочне формирање на свој Висок судски и обвинителски совет (ВССК).
„Надворешната служба на ЕУ постави опции, вклучително и рестриктивни мерки, за кои ќе разговараат министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Брисел подоцна овој месец, според луѓе запознаени со ова прашање и документи до кои Блумберг имал пристап“, наведе весникот.
Се додава дека разговорите продолжуваат да се одвиваат во време кога босанските Срби презедоа чекори за отцепување од остатокот од етнички фрагментираната земја, игнорирајќи ја минатомесечната одлука на САД за воведување санкции на Милорад Додик, кој е на власт долги години.
„Во еден документ, ЕУ сугерираше дека треба да се разгледаат рестриктивни мерки, вклучително и замрзнување на имотот и забрани за патување, доколку Република Српска, на чело со Додик, еднострано преземе одговорности од заедничката држава или на друг начин преземе дејствија што ја загрозуваат државата“, пишува Блумберг.
Сепак, санкциите треба да се разгледуваат како последно средство доколку другите опции за ставање крај на кризата не успеат, бидејќи мерките може да доведат до опасност од попречување на патот на БиХ кон ЕУ, се вели во документот.
На состанокот на амбасадорите на ЕУ во петокот, на кој се разговарало за списокот на казни, неколку земји, вклучително и Германија, побарале да се комбинираат мерките против Додик, според упатените.
Други, како Унгарија, тврдат дека санкциите би биле контрапродуктивни, пишува весникот.
Текстот потсетува дека Додик, сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, иницирал нацрт-закон претходно оваа недела, со кој ќе се создаде правосуден систем одделен од остатокот на земјата.
Овој потег уследи по серијата мерки усвоени од Собранието на Република Српска во декември, чија цел е да ги прекине безбедносните, административните и воените врски со остатокот од Босна и Херцеговина.
Гласањето предвидуваше дека актите ќе стапат во сила во рок од шест месеци, што ќе им даде на властите време да се подготват.
Во текстот се наведува и дека „напорите на босанските Срби за поголема независност ги зголемија тензиите меѓу двете групи во другата половина на земјата, позната како бошњачко-хрватска федерација“.
„Хрватите бараа реформа на изборниот закон, жалејќи се дека нивните претставници постојано биле надгласувани од гласовите на Бошњаците во тричленото претседателство на земјата“, се вели во текстот.
ЕУ предупреди дека се можни безбедносни инциденти доколку Република Српска продолжи со „најлошото сценарио“ на напорите за отцепување.
Како одговор на актуелната криза, амбасадорите беа информирани дека ЕУ веќе почнала да задржува дел од средствата за инфраструктурни проекти во Република Српска.
Од министрите за надворешни работи на Унијата ќе биде побарано да дадат насоки за целното користење на финансиската помош на ЕУ во БиХ, како и за потенцијалната употреба на рестриктивни мерки како последна мерка во случај на натамошна ескалација на ситуацијата, се вели во документот.
ЕУ оценува дека нема непосредна опасност од нова војна во БиХ, но не може да се исклучи можноста за локални конфликти и не треба да се потценува.
Во оценката се наведува и дека надворешниот ангажман на други земји, како Србија и Турција, се зголемува и дека постои ризик од мешање на некои други земји, кои би можеле да ги искористат поделбите за понатамошна дестабилизација на БиХ.