Блупринт групата се повлекува од процесот за изработка на новиот Кривичен законик, оценила дека постапката суштински го озаконува незаконското

Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството соопшти дека се повлекува од понатамошно учество и давање придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен Законик.

Тие сметаат дека нивното учество е беспредметно во постапка која како што велат „суштински го озаконува незаконитото, што е дополнително спротивно на нашата мисија за конструктивно, транспарентно и засновано на докази градење на политики“.

„Клучната причина за нашето повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 Септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата на РСМ. Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото“, соопшти Блупринт групата.

„Во ваква ситуација и состојба, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки. Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека „плаќа дупло“.

Дополнително, неминовно и тесно поврзано со нашиот став за повлекување од процесот за изработка на нов Кривичен законик е и нашата одлука за неодамнешното повлекување од работната група за изработка на нацрт предлогот за Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка. Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупција. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме.

Вклученоста на граѓанскиот сектор во процесите на креирање политики е од суштинско значење за владеење на правото, но доколку граѓанскиот сектор е навистина вклучен во истите преку конструктивно работење. Вклученоста на граѓанскиот сектор не смее да се користи како алатка за давање на легитимитет на процесите и да служи како „декор“ во рамки на работните групи за измена на закони.

Со оглед на целосната состојба каде се дава легитимет на нелигитимното, Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци – го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси – се издигнуваат над темелните вредности“, се додава во нивното соопштение.