Што ќе се случи по неуспехот на гласањето за уставни измени според предлогот Ковачевски – Петков? Македонија доаѓа до крајот на најконтроверзната епизода од својата современа историја, олицетворена во владеењето на Зоран Заев, прво непосредно, а сега преку куклени извршители. Уште долго земјата ќе го лекува мамурлакот од овој пир, кој зад себе остави руина од Македонија, оптоварена и со нагрдено име, економски, политички и културен пустош.
Историјата секако дека ќе ги реконструира неговиот пат, обликување и договори што доведоа до превратот од 2017 година, но веќе и сега може да се насетат и да се опишат главните црти на неговите политики. „Стратегијата“ на Зоран Заев, ако воопшто може да се даде такво име за неговиот начин на владеење, се состоеше од една клучна точка – целосно вазалство кон странскиот фактор. Точна беше неговата процена дека тој ќе добие своевидна „дозвола за убиство“ ако се согласи да биде извршител на сите антинационални, антидемократски и антиграѓански политики, насочени против македонските државни интереси. Интересот на Заев не одеше понатаму од неконтролирано владеење со Македонија, вградување на неговите семејни интереси во сите точки каде што државата ги троши буџетските средства и негова лична амнестија за можните кривични дела при вршењето на функцијата градоначалник и премиер. Сето ова беше обвиткано во една завеса на европската и атлантска интеграција.
Каде погреши Заев во процените? Секоја нација почива на својата национална приказна, израсната делумно врз споделеното сеќавање за заедничкото минато, но и врз создадените митови за клучните епизоди од сопствената историја. Не постои нација без претстава за заедничкото минато и нација без сопствени митови. Оваа национална приказна овозможува обединување околу актуелните национални проекти за сегашноста, а и желба за продолжување на заедништвото во недогледливата иднина. Македонската приказна има своја етничка димензија, која се однесува на Македонците, но и своја државна димензија, која се однесува на сите граѓани на Македонија. Најјадрено националната приказна е врамена во преамбулата на Уставот.
Националната приказна не е канон, не е издлабена во планински карпи или излеана во челик. Новите времиња, новите предизвици и новите генерации секогаш додаваат свои нови слоеви во националната приказна, некои ликови и настани од минатото бледнеат, други повторно извираат од маглата на историјата, но клучното е дека националната приказна овозможува обединување и надраснување на разликите. Уривањето на националната приказна значи и уривање на државите, а во историјата тоа се нарекува отцепување, иредентизам, осамостојување, граѓанска војна, обединување и така натаму.
Не треба да се оди толку длабоко во историјата. Што се случи кога се урна југословенската национална приказна и кога југословенските народи престанаа да веруваат во своите обединувачки национални митови.
Политичарите се врзани и се обврзани за националната приказна. Таа ги дава рамките на можното во една држава. Како што вели Бизмарк, „најдобро што може еден државник да стори е да го наслушне шушкањето на плаштот на бога, да го дофати и цврсто држејќи се да прооди со него неколку чекори“. Во една вистинска демократија владеење спротивно на врежаното јавно мислење е невозможно, но и недемократските режими може да бидат успешни доколку се потпрени на националната приказна. Успешен политичар умее да го прочита духот на времето („плаштот на бога“), совршено добро ја проучил историјата на сопствениот народ, па умее да „прооди неколку чекори“ и да овозможи благосостојба за сопствената нација.
Вазалите, како Заев, се рецепт за национална катастрофа. Прво, тие немаат никаква претстава за националната приказна на сопствениот народ, па за нив буквално сè е можно и прифатливо. Второ, наместо да ги реализираат националните стремежи, вазалите се орудие во рацете на туѓинците за остварување на нивните цели. Трето, вазалите зад себе не оставаат решенија туку уште поголеми и подлабоки проблеми.
Некаде во текот на 2015 година, на самиот врв на „бомбашката кампања“, низ круговите блиски до Зоран Заев кружеше приказна дека тие ќе дојдат на власт, ќе го решат проблемот за името и ќе ја зголемат минималната плата, па ќе владеат „минимум десет години“ поради американската и европската поддршка, како и затоа што „народот е глупав“, па ќе се задоволи со трошки. За наша несреќа, еден значаен слој од граѓаните, иако органски згаден од вакви евтини приказни, сепак се надеваше дека постои некаков подлабок план. Нормално, немаше ништо такво. По 2017 година се активира токму најгнасната формула на Заев, „дај сè што бараат странците“ и „шашардисај го народот“ со најевтин популизам. Границите на овој пристап се согледаа веќе на самиот почеток на неговото владеење. Прво, Заев навистина мислеше дека „Калето“ ќе се вмеша во македонската партиска политика, па дека Американците ќе го дисциплинираат ДУИ. Тоа не се случи, па цената беше платена неколкукратно во форма на претворање во ДУИ во клучна владина политичка партија и остварување точки од етничката националистичка агенда на Ахмети што само создаваат и продлабочуваат меѓуетнички конфликти. Второ, „решавањето на проблемот за името“ создаде само поголем проблем, затоа што Преспанскиот договор беше јасно отфрлен од граѓаните. Сите политики околу „Северна…“ се буквално силување на граѓаните на Македонија. Никогаш порано знамето со сонцето од Кутлеш не било толку сеприсутно во Македонија како сега, а да не зборувам за нагласениот интерес за сите оспорени точки од македонската историја. Отпорот најмногу доаѓа во израз преку културата, па никој не го употребува наметнатото име, освен Заев и неговата вазалска структура. Трето, како и секој вазал, така и Заев беше веднаш заборавен и фрлен на буништето на историјата. Жедта за власт и стравот од „денот потоа“ го внесоа Зоран Заев во нова авантура, овој пат со уставни измени по бугарски терк. Целата оваа авантура се случи за Заев да купи ден повеќе власт. Нема тука ни визија, ни европска иднина, ни стратегија… Соголена трговија на еден џамбаз.
Денеска Зоран Заев доаѓа до уште еден меѓник од крајот на неговата политичка врвица. Во Собранието треба да се гласа за предложените уставни измени, но овој пат нема мнозинство. Вазалот ја потроши целата своја вредност.
За жал, за Македонија наскоро ќе започне едно долго мамурно утро, со многу главоболки. Времето на авантуристите заврши. За среќа, пак, обидот за уривање на македонската национална приказна и за создавање нова „северномакедонска“ нација на Заевиот „мултиетнички народ“ заврши. Владеењето на Зоран Заев остави трајни белези на националната свест и планина од проблеми за следната власт. Македонија потроши многу време во заблуди, барање кратенки и заобиколни патишта. Време е да се вратиме на македонската национална приказна, повторно да го дофатиме „плаштот на бога“ и заеднички да започнеме повторно да ја градиме македонската држава.
Ивица Боцевски