Поранешниот амбасадор, Ивица Боцески, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 изјави дека во моментов, е добро што има процес на носење резолуција, затоа што јавноста гледа дека власта е во процес на преговори за македонскиот јазик, идентитет, идентитетските одредници, историските учебници.
Тој додава дека резолуција е потребна затоа што Заев е подготвен да потпише се што му се става на маса.
-Зошто да не усвоиме резолуција, ако не се преговара за јазик и идентитет. Ако се сеќаваме имаше политичари кои се колнеа во нивната македонска жица, дека не треба да се чепка, има политичар кој викаше дека лага е дека ќе се смени Уставот и уставното име на Република Македонија, а видовме како се тоа заврши – потенцираше Боцевски.
Тој истакна дека резолуцијата е исто така потребна затоа што Португалскиот предлог докажал дека власта предводена од Заев преговара за јазикот и за идентитетот. Тој посочи дека предлогот не е случајно донесен туку со консултации со сите засегнати страни, со посети на Македонија, Бугарија.
-Португалскиот предлог меѓу другото ги содржи и ставовите на владата. Предлогот откри дека се преговара и за јазикот и за идентитетот. Ова не би било сместено внатре доколку би немале јасни сигнали од Скопје дека тие се подготвени да попуштат на оваа тема. На Заев не му верувам тој е подготвен да потпише било што ќе му се даде и не само тоа. Португалскиот предлог не е компромис, туку Бугарија ќе го искористи насекаде – изјави Боцевски.
Тој нагласи дека тврдењата дека историјата не ни е потребна туку треба да се гледа само иднина се погрешни бидејќи историјата ни покажа дека Заев лаже кога вели дека ги штити националните и државни интереси.
-Имаме ситуација кога дел од поддржувачите на актуелната власт велат дека не требало да гледаме на историјата, туку кон иднината, но историјата служи да може да се донесе суд за некоја личност и да се изградат позиции. Дали некој излажал дека нема да менува име на држава и устав, тогаш се разбира дека ќе излажа и за друго – изјави Боцевски.