Боцевски: Заев не преговара со соседните земји во име на граѓаните, туку низ призма на сопствените интереси во Бугарија и Грција

Во вечерашното издание на дебатната емисија “Што не е јасно?” гостуваше Ивица Боцевски кој се осврна на моменталната политичка ситуација во земјата, спорот со Република Бугарија, како и лошите владини политики во однос на националната распродажба.

Боцески потенцираше дека Владата предводена од Зоран Заев премногу лошо ги води процесите со Република Бугарија, бидејќи наместо да постои дијалог, Македонија е во ситуација да треба да попушта со сите прашања, а единствен кој е добитник од договорот да биде Бугарија и бугарскиот народ.

Тој додава дека проблемот помеѓу двете држави не може да се реши со препукувања на дневна основа од двете страни, твитер статуси или пак преку испраќање видео пораки во кои секој лидер ја потпалува својата нација со националистички изјави. -На проблемот мора да му се пријде трезвено и со намера истиот да се реши, бидејќи доколку остане да лебди во воздухот, тогаш со тој проблем ќе се соочуваат народите на двете држави, а не оние кои поигруваат со чувствата на граѓаните, вели Боцевски.

“Избегнувањето контакт со медиумите по средбата Заев – Вархеји, само покажува за неуспешноста на истиот. Бугарија нема да прифати никакви уценувања, исто како што не прифати и Грција, бидејќи Бугарија го користи истиот механизам кој Грција го користеше кон Македонија долги години наназад. Не можете да прикажувате како победа, нешто што ниту малку не е победа за Македонија и за граѓаните, бидејќи самото преговарање во име на Северна Македонија го обележува Заев како човек кој се испазарил за името на државата. И тука завршува дилемата за тоа каков човек преговара за земјата”, вели Боцевски.

Боцевски додава дека не може Зоран Заев да ја уверува јавноста дека се бори за малцинствата во соседните земји, кога не се бори ниту за мнозинството во својата земја, кое повеќе од било кога е обесправено и понижено. Македонскиот народ не се чувствува веќе гордо и достоинствено како во минатото, бидејќи Зоран Заев ја измени културната матрица и ја изврте вистината која што сака да ја наметне како нормална. Тој додава дека Заев е политичар кој не преговара со соседните држави во името на граѓаните, туку во лично име и низ призма на сопствените интереси, што е навистина дегутантно.