Бочварски им забрани на вработените во Министерството за транспорт и врски да ги полнат електричните тротинети

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на списокот со универзалните мерки за штедење што ги донесе Владата за сите државни органи, додаде и забрана за полнење на електрични тротинети во канцеларија.

На известувањето закачено на секое од нивоата на петкатната зграда на Министерството за транспорт и врски, покрај стандардните мерки, стои и: „забрането качување со лифт на веспи, велосипеди и електрични тротинети и нивно полнење во канцелариите“.

Владата ги задолжи државните институции од септември, т.е. од овој месец, да трошат 15 отсто помалку струја споредено со истиот месец лани и најави санкции за раководителите на институциите ако не се спроведе ваквата мерка за штедење на електрична енергија.

Мерките вклучуваат намалување на грејните тела и клима уредите, исклучување на осветлувањето на фасадите и гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина.