Бочварски: Пари за изградба на железницата има, се бара изведувач

За изградба на железницата има пари, тие не се кратат и ќе се стават на сметката на Буџетот во моментот кога ќе имаме изведувач, кој ќе почне да ја реализира повторно изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

– Државата веќе има платено пенали заради тоа што смета дека неправедно е напуштена трасата и делницата. Кога ќе заврши процесот на арбитража ќе се знае кој притоа прекршил или не прекршил одредени договорни обврски, од едната страна државата, а од другата страна изведувачот. Во  меѓувреме на седница на Влада разговаравме за  обновување на  целата постапка која што ќе биде почната со нова тендерска постапка и спојување на првата и втората делница од изградбата на Коридорот 8, а притоа веќе е готова и проектната документација за третата делница со спојката од Крива Паланка до границата со Бугарија која што е најобемна по сума на чинење. По завршување на овие постапки секако за наредната година ќе имаме средства за таа работа и за тој проект и ќе продолжи реализацијата –  рече Бочварски.

Тој рече дека пари за изградба на железницата има.

– Точно е дека пари има и ќе се стават на сметката на  буџетот во моментот кога ќе имаме изведувачи кога ќе почне да ја реализира оваа делница  што е исклучително важна. Ќе продолжиме со сериозни изведувачи кои ќе работат на реализација на проектите, а  не со изведувачи коишто ќе  ни прават застој на одредени делници. Средства имаме и ќе ги употребиме, истакна министерот за транспорт – рече Бочварски.

Тој најави дека пругата Битола-Кременица ќе биде пуштена наскоро по завршување на сите технички постапки и техничкиот прием, а како што посочи, се вршат ремонти на пругата на Коридорот 10.

Во однос на приватизацијата на Железници Транспорт потсети дека тоа е прашање што се дискутира одамна и оти за него ќе расправа и одлучува Владата.

– Тоа е сериозно прашање, мора да размислуваме на сите теми, дали тоа ќе биде приватизација или одредена друга постапка што ќе треба да се преземена во насока на подобрувањње на квалитетот на Железници Транспорт – рече Бочаврски.

МИА