Без согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање нема да може да се стави во правна рамка објект во заштитени подрачја, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, коментирајќи ги реакциите за членот од новиот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, што беше изгласан вчера по скратена постапка во Собранието, а со кој е дозволено и легализација на дивоградби во за штитени подрачја.
– Во однос на ова прашање не случајно е вграден и членот во којшто се вели дека во таков тип на подрачја и зони, секако ресорното Министерство коешто е надлежно или органот на државна управа, треба да даде согласност за можно ставање во правна рамка на објект во таква зона. Така што, доста и внимателно е одреден овој член. Секако без согласност од Министерството за животна средина конкретно нема да може да се стави во правна рамка објект во заштитени подрачја, зони во национални паркови итн. И секако Охридскиот регион, регионот под заштита на УНЕСКО, е исто така исклучен согласно студиите коишто се на располагање на државата од УНЕСКО, и станбените згради со А2 намена исто така се исклучени, нема да бидат во постапки за ставање во правна рамка на такви големи градежни објекти и комплекси – изјави Бочварски.
Целта со овој закон, дополни, е плаќањето на пенали којшто е одреден, не легализација или ставање во правна рамка по едно евро за квадратен метар, туку полни комуналии колку што се плаќаат во матичната општина, плус 50 проценти казнени пенали.
Секако, потенцираше, целта е да ги одвратиме луѓето да градат дивоградби.
– Секако другиот апсект е зајакнување на инспекциските служби коишто веќе се случува со покачување на платите на градежните инпектори со вработување на инспекциски служби во сите коишто деноноќно и будно ќе следат понатаму да не ни се случуваат вакви појави. И тогаш државата, убеден сум, дека ќе биде подготвена повеќе да не оди со вакви постапки на ваков тип закони – рече Бочварски.
Тој рече дека треба да се легализираат и објекти од интерес за државата како далноводи, водоводи, можеби училишта и градинки што биле изградени по сите законски процедури во минатото, но не биле запишани во Катастар.
– Од тој аспект сме внимателни и очекуваме примената на овој објект и граѓаните да продолжат со поднесување барања до матичните општини во наредните шест месеци откако ќе стапи во сила овој закон, притоа строго почитувајќи го законот да се применуваат сите одредби од него – изјави Бочварски.