Богатството на 10-те најбогати луѓе ја надминува вкупната сопственост на 40 отсто жители на Земјата

Десетте најбогати луѓе на планетата поседуваат богатство што го надминува севкупниот имот на сопственост на 40 отсто од најсиромашното население, односно 3,1 милијарди луѓе, се истакнува во извештајот што во понеделникот го објави меѓународната добротворна и хуманитарна организација Oxfam.

Според извештајот изработен од експертите на организацијата, во светот денес има 2.688 милијардери, за 573 повеќе од пред две години, чиешто вкупно богатство е проценето на 12,7 трилиони американски долари.

Во извештајот на Oxfam се истакнува дека богатството на 20-те водечки доларски милијардери го надминува бруто домашниот производ (БДП) на цела супсахарска Африка. Експертите нагласуваат дека од почетокот на пандемијата на коронавирусот, според статистичките податоци, на секои 30 часа во светот се појавувал еден нов милијардер.

Истовремено, во текот на изминатите две години, вкупното богатство на милијардерите пораснало повеќе отколку во сите претходни 23 години. Во моментов нивното зедничко богатство изнесува 13,9 отсто од глобалниот БДП, трипати повеќе отколку во 2000 година.

Економистите напомнуваат на фактот дека особено големи профити последните години оствраиле сопствениците на компаниите кои дејстуваат во енергетскиот и прехранбениот сектор, од 453 милијарди долари во последните две години.