Богатството на Марк Цукерберг, челникот на технолошката корпорација „Meta“, во чијашто сопственост се најголемите социјални платформи како Facebook и Instаgram, се намалило за 11 милијарди американски долари во четвртокот, по значителниот пад на вредноста на акциите на компанијата по објавувањето на кварталните деловни резултати на компанијата, објави магазинот Forbes.
Според весникот, ноќта кон петокот по средноевропско време во еден момент богатството на Цукерберг се намалило на вкупно 36 милијарди долари. Со тоа американскиот претприемач паднал од 25-то на 29-то место на листата на најбогатите луѓе на планетата.
Според процените на Forbes, годинава „не беше добра“ за Цукерберг. Се наведува дека и покрај фактот што во текот на пандемијата акциите на „Meta“ остро пораснаа и го достигнаа максимумот во септември 2011 година. Како резултат на тоа, богатството на Цукерберг тогаш се зголеми на 136,4 милијарди долар. Но од тогаш, акциите на компанијата поевтинија за дури 74 отсто, а основачот на Facebook загубил околу 100 милијарди долари.
Како што во четвртокот објави британскиот деловен магазин Financial Times, компанијата „Meta“ загубила 19 отсто од својата пазарна капитализација поради слабите резултатите за третото тримесечје во 2022 година. Весникот истакна дека падот на нето добивката во третиот квартал за 52 отсто на годишно ниво, на 4,4 милијарди долари, или за околу 0,6 милијарди долари помалку од прогнозите на аналитичарите, доведе до „масовно селење“ на вложувачите од уделите во акционерскиот капитал на компанијата, кој како резултат на колапсот на акциите во средата се намалил за повеќе од 65 милијарди долари.
Како главни причини за падот на инвестициската атрактивноста на „Meta“, весникот ги наведува намалувањето на приходите од сегментот на дигитално рекламирање, како и „скептицизмот на учесниците на пазарот во однос на ставките во развојот на метавселената и вештачката интелигенција“.
Покрај тоа, позицијата на компанијата на глобалниот пазар е многу нарушена од конкуренцијата предводена од кинеската социјална мрежа TikTok, како и од новата политика за собирање лични податоци од страна на американскиот технолошки гигант „Apple“, што го отежнува таргетирањето на рекламите кон корисниците на уредио засновани на оперативниот систем iOS.