Боите на виножитото на Фејсбук – уште еден нов експеримент

Боите на виножитото на Фејсбук - уште еден нов експеримент

Откако САД во петокот ги легализираа истополовите бракови, Фејсбук на своите корисници им даде можност да го прослават овој чин со поставување филтер со боите на виножитото на фотографиите на нивните профили.

Како и што се очекуваше, за кусо време Фејсбук беше преплавен со фотографии со боите на виножитото, но експертите предупредуваат дека зад целата оваа приказна за солидарност, всушност стои нова алатка со која социјалната мрежа спроведува екпсеримент.

Според нив, станува збор за истражувања за тоа како идеите се шират преку социјалните мрежи, што најверојатно нема никаква врска со промовирањето на човековите права.

И досега беше познато дека Фејсбѕк ги користи информациите за корисниците и нивните навики, но според експертите, во овој случај станува збор за специфична ситуација, бидејќи социјалната мрежа прв пат прави посебна алатка за промоција, поддршка или одбележување на некој настан.

По ваквите предупредувања на експертите, се огласи и Фејсбук, нагласувајќи дека не се работи за никаков експеримент, ниту за тестирање.

Сепак, Фејсбук не ги негираше тврдењата дека со помош на новата алатка следи кој од неговите корисници ја поддржуваат легализацијата на геј браковите.