Студентскиот правобранител Васка Бојаџи, денеска го оствари своето право на глас на тековните избори за нов претседател на студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Таа во изјава за медиумите потенцира дека правото на глас претставува право коешто е загарантирано со статутот на универзитетот и со статутот на студенскиот парламент.
Секој обид за оневозможување на студентите да го реализираат ова нивно законско и статутарно право треба да биде елиминиран. Истото го осудувам и сметам дека треба да се прекине во понатамошниот тек на денот. Секој има право како студент на овој универзитет да одлучи за себе дали ќе го оствари своето право на глас или не, но таа одлука не може никој да ја донесе ниту во мое ниту во име на кој било друг студент, истакна Бојаџи, додавајќи дека како студентски правобранител се залага за правата на студентите и смета дека истиот пристап и начин на размислување треба да биде својствен за секој друг член на академската заедница, рече таа.
Бојаџи ги покани сите колеги, студенти на универзитетот, во една мирна и пријатна атмосфера да го остварат своето право на глас, во атмосфера којашто прилега на реномираната академска заедница.