Смена на одделенски наставници од второ одделение со целодневна настава, при тоа без никаква најава и за време на зимскиот распуст, е причина за бојкот на наставата во основното училиште Димитар Поп Ѓеорѓиев Беровски во скопската населба Ѓорче Петров.
Родителите на децата од второ одделение од ова училиште испратија писмо до редакцијата на НетПрес.
Писмото ви го пренесуваме во целост.
Ние родителите на учениците од IIа одделение при ООУ ,,Димитар Поп Георгиев – Беровски“, општина Ѓорче Петров, Скопје, Ви се обраќаме, со цел да Ве известиме, дека денеска (понеделник) 22.01.2018 година, нашите ученици нема да ја посетуваат наставата, односно за нив нема да почне второто полугодие од учебната 2017/2018 година.
Причина за оваа одлука е смената на одделенските наставници од IIa одделение со целодневна настава, К. Б. и А. М, без никаква најава и за време на зимскиот распуст.
Во Основното Училиште Беровски десетина наставници работеа со договор на определено време. На петмина не им се продолжени договорите. Од тие пет дури двајца се одделенски наставници од исто одделение – IIa. Имаме објективни причини да се сомневаме и за непотизам при вработување на кадрите (дел од нив се во блики роднински врски со вработен на висока функција во општината Ѓорче Петров).
На средба со директорката на училиштето, С.Н. побаравме на двајцата наставници да им се продолжат договорите барем до крајот на учебната година со цел да се намали психолошкиот шок и да ги заштитиме децата кои и онака се во процес на адаптација зашто во септември една од наставничките веќе им се промени.
Големо разочарување предизвика нејзиното неизлегување во пресрет особено што таа, директорката, дозволи истовремено двајцата наставници да се отпуштат. Училиштето е установа која треба да ги штити интересите на своите ученици обезбедувајќи им континуирано квалитетна обука, а не да ги става пред свршен чин менувајќи им ги наставниците за време на зимскиот распуст.
Доказ за постојаните промени на наставници во ова училиште е и фактот што во една паралелка за време од три и пол години се сменети дури петмина наставници.
Ние родителите, револтирани од ваквата ситуација, свесно и на штета по нашите деца, се одлучивме на непопуларен чекор – бојкот на настава, од причина што никој од релевантните фактори нема слух за нашиот проблем.
Во очекување сме на средба со г-динот Александар Наумовски, градоначалникот на Ѓорче Петров, на коja што ќе побараме одговори на сите прашања во врска со ваквите кадровски „решенија“, кои во последните неколку години, за жал, станаа заштитен бренд на нашето училиште.