Боки 13 е во предканцерогена состојба, вели неговиот правен тим – „влошено здравје, спротивно на укажувањата од лекарите е вратен во затворот“

Правниот тим на Бојан Јовановски со прекар Боки 13 известува дека тој од болничко лекување повторно е вратен во затворот „Идризово“ во пред канцерогена состојба.

Според нив, ваквото постапување е спротивно на препораките дадени од десетици лекари кои го лекуваа Јовановски во изминатиот период, спротивно на конзилијарните мислења и лекарските извештаи. Во нив јасно стои дека без прекин на казната, услови за лекување на метаплазието на желудник не може да се спроведе во пенални услови, а со оглед на специфичната состојба во која се наоѓа.

„За предканцерогената состојба на Јовановски, Ви доставуваме и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје каде се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.

Од медицинската документација, која исто така Ви ја доставуваме во целост, јасно стои: „Доколку не се спроведат дадените препораки за понатамошно лекување на пациентот исклучиво и единствено во задолжителни домашни услови, согласно сето погоренаведено ќе настанат трајни последици по животот и здравјето на пациентот. Наодот е реферириран на стручен колегиум на ЈЗУ УК св. Наум Охридски и стручниот колегиум е едногласно согласен за дадените препораки и упатство за понатамошно лекување“.

И од Клиниката за дигестивна хирургија, чиј наод Ви го доставуваме, е посочено: „Се придржуваме кон препораките издадени од колегите од ЈЗУ УК св. Наум Охридски, со оглед на фактот дека пациентот таму е опериран и лекуван и од ЈЗУ за Гастроентерохепатолигија каде што е прегледуван и иследуван“.

Потсетуваме дека Јовановски веќе алармираше дека е мета на невидена и незапаметена тортура, која исто така, влијае на неговото здравје. Враќањето на Јовановски во пенални услови и во ваква здравствена состојба не претставува само грубо кршење на неговите права, туку и опасност за неговиот живот.

Јовановски очекува тортурата кон него да биде поинтензивна и поради сите јавни објави. Ја повикуваме јавноста будно да го следи процесот кој тој го иницираше“, се вели во соопштението на правниот тим.