Првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски останува во Градската општа болница „8-ми Септември“ се додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања, по што најдоцна во понеделник ќе биде испуштен од болничката установа, соопштија денеска од болницата.
Јовановски беше хоспитализиран во ГОБ „8-ми Септември“ поради контролни прегледи со упат издаден од доктор во ординацијата во КПВ Шуто Оризари.
– Сместен е во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не заради тежината на неговата здраствена состојба. Во моментот е во добра општа состојба и здраствена кондиција, а во установата останува се додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања. Истиот се планира да биде испуштен од болничката установа, најкасно во понеделник на 02.12.2019 година, се вели во соопштението од ГОБ 8-ми Септември.
Бојан Јовановски беше донесен в болница од КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор. Останатите двајца обвинети за „Рекет“, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец се во домашен притвор.
Судењето за „Рекет“ треба да почне на 3 декември годинава.