Боки 13: Со Русковска сме пиеле алкохол

Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски на распит пред судијката Васка Николовска-Масевска, повторно говореше за доказите кои според него, покажуваат дека не рекетирал, а се во неговиот одземен телефон од страна на Обвинителството, за кој тврди дека не е извештачен.

Тој во исказот посочи дека повеќе пати се среќавал со обвинителката Вилма Русковска во „1ТВ“, каде разговарале, додека таа пиела алкохол, пренесува А1он.

„Во ‘1ТВ’ ми гостуваа грст луѓе од правосудството, како господинот Иван Џолев, Катица Јанева, Вилма Русковска. На сите им се јавував јас, иако новинарите и уредниците ги даваа темите. Со Русковска сме разговарале и во четири очи во мојата канцеларија. Знаете, сме пиеле кафе, по некоја чашка алкохол, како што е редот во една домаќинска куќа. Јас иначе не пијам алкохол. Зборам за атмосферата”, истакна Јовановски.

На денешното рочиште за „Рекет“, од Бојан Јовановски било побарано да објасни за договорите околу маркетинг на 1ТВ со повеќе компании, за кои тој рекол дека тоа биле легално стекнати пари, кои подоцна биле криманлизирани.

„Во ТВ постоеше маркетинг сектор, го раководеа директори. Имаше лице кое беше задолжено за медиа планирањето и сме остварувале контакти со компании и маркетинг агенции. Јас лично сум имал состаноци со повеќе сопственици со повеќе компании со кои имаме склучено легални договори кои биле реализирани од двете страни. Бевме сериозна телевизија која што остваруваше реални и легални приходи, кои подоцна низ пропаганда, низ измислен предмет ги криманилизираа, и затоа сме сега тука каде што сме“, рече Јовановски.