Маж кој се претставил како борец на исламистичкото движење Боко Харам изјавил во видео снимка којашто во саботата ѝ е прикажана на агенцијата Reuters дека оваа групација планира да изврши бомбашки напади во нигериската престолнина Абуџа.
„Доаѓаат уште бомбашки напади, и во Абуџа за која мислете дека е сигурна“, рекол мажот на снимката којашто ја добил интернет порталот Sahara Reporters и нигерискиот новинар Ахмад Салкида.
Нигериската државна безбедносна служба во април објави дека спречила планови на милитантите на Боко Харам да ги нападната амбасадите на САД и Велика Британија во Абуџа.
На друга видео снимка којашто е прикажана на агенцијата Reuters, една во групата од четири жени во бурки зборува дека таа е меѓу грабнатите девојки, но дека не сака да се врати дома.
„Ние не сакаме да се вратиме кај нашите родители, тие не го почитуваат Алах и ве повикувам да ни се придружите. Ние не сме насила натерани да се омажиме. Бракот е на наша желба“, рекла жената држејќи пушка.
Минатата сабота ослободени беа 82 девојки по три години заложништво во замена за командант на Боко Харам. Тие беа во групата од околу 270 девојки коишто исламистите ги грабнаа во април 2014 година од градот Чибок, на североистокот од Нигерија.
Посредникот во преговорите, адвокатот Зана Муставада, изјавил дека некои од грабнатите девојки одбиле да бидат ослободени, што ги поттикна стравувањата дека џихадистиите ги радикализирале и дека се плашат или се срамат, да се вратат на своите претходни животи.
Агенцијата Reuters истакнува дека засега не може да ја потврди автентичноста на снимките.