![407](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/10/407.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Холивудскиот актер Алек Болдвин вежбал потегнување оружје и го вперил пиштолот во камерата кога го истрелал фаталниот истрел кон директорката на фотографијата на снимањето на филмот „Rust“ крај Санта Фе во американската сојузна држава Њу Мексико, покажуваат во понеделникот новите поединости од инцидентот.
Режисерот Џоел Соуза, кој во инцидентот беше ранет во клучната рамена коска и закрепнува, изјавил дека слушнал звук сличен на „фучење на камшик“ и силно „бум“ додека стоел зад жртвата, кинематогрферката Халина Хатчинс, пишува во извештајот од прелиминарната истрага.
Филмската екипа го снимала вестернот „Rust“ на ранчот „Бонанца Крик“ крај Санта Фе кога Болдвин во четвртокот во несреќниот случај смртно ја застрела Хатчинс, во инцидент каков што ретко се случува на филмски сет.
„Алек Болдвин седеше на клупата и вежбаше потегнување на пиштол“, изјавил Соуза кој актерот го гледал преку рамето на директорката на фотографијата Хатчинс.
По истрелот, Хатчинс се „фати за стомакот“ и рекла дека повеќе не ги чувствува нозете, изјавил режисерот и додал дека започнала да се „тетерави наназад“ па ѝ „помогнале да легне на земјата“.
Во документот на кој се повикуваат американските медиуми, пишува дека Хатчинс е погодена во градите и неколку часа подоцна во болница е прогласен мртва.
Камерманот Брејд Расел изјавил дека инцидентот не е снимен, бидејќи екипата штотуку се подготувала за снимањето. Запрашан како Болдвин ракувал со оружјето, Расел рекол дека актерот бил многу внимателен и како доказ за тоа навел дека барал детето кое глуми во филмот да не биде крај него во моментот кога ќе пука.
Властите во петокот објавија дека помошникот на режисерот Дејв Холс рекол дека оружјето било „студено“, односно според филмскиот жаргон дека во него нема вистинска муниција.
Режисерот Соуза напоменал дека „не е сигурен“ дека оружјето минало уште една безбедносна проверка по паузата за ручек.
Во меѓувреме Серж Светној, главен електричар на сетот, во неделата на Facebook објави дека за смртта на Хатчинсон се виновни „негрижата и непрофесионалноста“. Втор член на екипата кој работел со Холс на друг проект, изјавил во неделата дека во 2019 година веќе се жалел на него дека недоволно се грижи за безбедноста на снимањето.
Во неделата изданието Daily Beast , повикувајќи се на извори од филсмата екипа, објави дека младата 24-годишна специјалистка за оружје Хана Гутиерез-Рид која била оружарка на снимањето на вестерн филмот „Rust“ била оценета како неискусна и имало повеќе поплаки на нејзината работа и при снимања на други филмови претходно.
Претходно било прекинато снимање на вестернот „The Old Way“, во кој главната ролја ја толкува познатиот американски актер Николас Кејџ, откако Гутиерез-Рид ѝ дала пиштол на 11-годишна актерка без задолжителната проверка, изјавиле извори запознаени со ситуацијата.
Соговорниците, исто така, ја обвиниле Гутиерез-Рид за невнимание и недоволна проверка на оружјето во текот на снимањата.
„Беше невнимателна во манипулирањето со пиштолите, постојано мавтајќи со нив. Неколкупати се случи да го наполни оружјето со ќорци, но тоа го стори на начин за кој сметавме дека не е безбедно“, изјавил извор од филмската екипа на „The Old Way“.
Како што напомнува изданието, во текот на снимањето на филмот „Rust“, филмската екипа најмалку двапати се соочила со непланирани истрели од оружјето подготвувано од Гутиерез-Рид. На сетот неретки биле поплаките, а некои членови на филмската екипа наводно го напуштиле местото на снимањето неколку часа пред убиството на директорката на фотографијата, демонстрирајќи незадоволство од работата на оружарката.
Учесниците во проектот, според изворите на изданието, за трагичниот инцидент го обвинуваат и помошникот режисер Дејв Холс, кој наполнетиот со боева муниција пиштол му го предал на Болдвин и рекол дека неговата употреба е безбедна. Според вклучени во снимањето, Холс, исто така, морал да го провери пиштолот и да му ги предаде реквизитот на актерот.
Претходно во саботата американските медиуми објавија дека истрагата е фокусирана на филмската оружарка, 24-годишната Хана Гутјерез Рид, која според прелиминарниот извештај до истрагата го подготвувала огненото оружје од кое актерот го истрелал фаталниот куршум. Тој пиштол младата жена го ставила на количка со уште две парчиња оружје.