Боливиската влада знаела дека се планира државен удар

Владата на Боливија имала информации за можен обид за државен удар пред главниот воен командант и нему лојалните офицери и војници насилно да влезат во претседателскиот дворец во средата, изјави во четвртокот министерот за внатрешни работи Едуардо дел Кастиљо.

Под команда на генералот Хуан Хозе Зунига, тешко вооружени војници и оклопни возила се распоредија во средата во главниот град Ла Паз на плоштадот Плаза Мурило и влегоа во просториите на претседателскиот дворец.

Генералот и шеф на боливиските вооружени сили, Хуан Хозе Зунига, им се обрати на новинарите на плоштадот пред нападот на националната палата и рече: „Престанете да уништувате, престанете да ја осиромашувате нашата земја, престанете да ја понижувате нашата армија“, инсистирајќи дека преземената акција е поддржана од јавноста, меѓутоа на плоштадот набрзо се појави маса луѓе кои протестираат против неговата акција.

Војниците на крајот се повлекоа, а полицијата ја презема контролата на плоштадот.

Откако се дозна за неуспешниот пуч, тоа наиде на брза осуда од светските челници, загрижени за ризикот што чинот го претставуваше за демократијата во Боливија, а претседателот Луис Арсе го разреши Зунига, обвинувајќи го за обид за државен удар, а боливиските власти го уапсија.

Засега не се знае каде е однесен Зунига.

Во претседателскиот дворец ден потоа новиот шеф на вооружените сили Хозе Вилсон Санчез положи заклетва пред претседателот кој повика на враќање на редот и мирот.

Во изјава за боливиското радио и телевизија Unitel, министерот Дел Кастиљо потврди дека претседателот Арсе добил извештаи за „обиди за дестабилизација“, иако тој предупреди дека владата тогаш не знаела ништо повеќе од тоа. Заедно со Зунига, уапсен е и поранешниот командант на морнарицата Хуан Арнез Салвадор, рече дел Кастиљо, додавајќи дека десетици офицери се приведени. Ним, како што рече, им се заканува казна затвор од 15 до 30 години.

Амбасадорот на Боливија во Организацијата на американски држави (ОАS) на седница на тоа тело во Парагвај изјави дека околу 200 офицери учествувале во обидот за пуч.

Официјалниот претставник на ОН за човекови права, Волкер Турк, повика на непристрасна истрага за насилството и извештаите за повредени и ги повика инволвираните на одговорност.

Тензиите се зголемуваат во Боливија пред општите избори во 2025 година, при што левичарскиот поранешен претседател Ево Моралес планира да се кандидира против својот поранешен сојузник Арсе, што предизвика голем раскол во владејачката социјалистичка партија и политичка неизвесност. Некои не сакаат враќање на Моралес, кој владееше од 2006 до 2019 година, кога беше соборен со масовни протести поради економските проблеми на земјата и заменет со привремена конзервативна влада. Арсе потоа со јавна неговата поддршка победи на изборите во 2020 година.

Зунига неодамна рече дека Моралес не треба да може да се врати како претседател и му се закани дека „ќе го блокира ако се обиде“, што го натера Арсе да го отстрани Зунига од функцијата во вторник. Кастиљо наведе дека Зунига веста ја примил мирно, но дека „никој не можел ни да замисли дека следниот ден, пред официјалното предавање на неговата канцеларија, ќе се случи неуспешен државен удар“.

За време на неговото апсење, Зунига рекол дека наводно добил инструкции да изведе лажен државен удар за да ја зголеми популарноста на претседателот Арсе. Владиниот претставник Марија Нела Прада одговори дека тоа не е вистина.

Боливија се бори со економски пад, со исцрпени резерви на централната банка и притисок врз боливиската валута, бидејќи извозот на гас пресуши.