Болницата „Козле“ тврди дека немало пропуст во лекувањето на детето што почина

Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ искрено жали и изразува сочувство до семејството за загубата на нивното дете, се вели во соопштението од оваа јавна здравствена установа.

„Стручниот колегиум одговорно тврди дека сите лекари кои биле инволвирани во лекувањето на детето ги презеле и ги реализирале сите расположливи и потребни прегледи и иследувања, дадена е соодветна терапија според медицинските протоколи, не е утврден пропуст во постапувањето и лекувањето на детето, во согласност со целокупната медицинска документација како доказ во клиниката“, се вели во соопштението.

Детската клиника „Козле“, како и целата јавност, го очекува мислењето на Етичката комисија на Лекарската комора на Македонија и потоа ќе преземе понатамошни соодветни чекори.

Реакцијата на Клиниката уследи откако министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека Стручниот надзор на Министерството за здравство констатирал сериозни пропусти во работењето на Клиниката за детски болести и на Клиниката за белодробни заболувања „Козле“, поврзани со смртта на едно 14-месечното бебе.