Болницата во Велес доби нов и современ дигитален мамограф од јапонско производство кој веќе е целосно инсталиран и од понеделник ќе започне да се користи за пациентите во системот „Мој термин“.
Министерот за здравство, Никола Тодоров кој денеска заедно со неговиот заменик Јовица Андонов ја посетија ЈЗУ Општа болница – Велес истакна дека најмалку што може да се добие како поволност со новиот мамограф е дуплирање на бројот на снимања.
– Велешката болница досега работеше со десет години стар аналоген мамограф, кој беше со поголемо зрачење и со кој можеше да се прават помал број на сликања – дијагностички процедури. Со новиот дигитален мамограф од јапонско производство, најмалку што ќе може да се добие како поволност е дуплирање на бројот на снимањата односно мамографиите коишто ќе можат да се прават во текот на годината. Ако досега годишно се правеле околу 2,5 илјади мамографии сега ќе може да се прават над 5 илјади и повеќе мамографии годишно, најави министерот Тодоров.
Воедно потенцира дека е значајно што со овој апарат полесно ќе се прави и скринингот на рак на дојка, а кој е еден од многу значајните проекти на Министерството за здраство.
– Имајќи предвид дека ракот на дојка, кој е број еден убиец кај женската популација, го започнавме скринингот на рак на дојка кај женската популација во земјава, а по долгите и сериозни подготовки кои ги имавме. Досега врз основа на овој проект се направени над 7 илјади снимања за скрининг за рано откривање на рак на дојка, информира министерот Тодоров.
Тој денеска направи увид и во Лабараторијата на Велешката болница каде е набавен нов најсовремен биохемиски апарат, со што се овозможи поголема точност на тестовите на крвтта и поголем број на тестови и со поголема брзина.
– Тоа ќе овозможи полесна и поквалитетна работа на вработените во лабароторијата, што пред се’ ќе биде бенифит за сите пациенти, нагласи Тодоров.
Министерот најави дека за велешката болница се набавени дополнително уште два апарата кои сеуште не се стигнати, а за кои договорот е веќе склучен и треба да бидат доставени во наредниот период: едниот апарат е во делот на анастезијата, а другиот во делот на гастроскопија.
Тодоров најави и целосна реконструкција на надворешниот дел на велешката болница, за кој проектот е завршен и треба да биде објавен тендерот.
– Оваа капитална инвестиција ќе биде околу 28 милиони денари, што ќе опфати комплетна замена на фасадата со термофасада и замена на прозорците, што ќе овозможи енергетска ефикасност на објектот и негова заштита. Воедно се работи и на проектот на реновирање на инфективното одделение на велешката болница што ќе чини над 20 милиони денари, посочи Тодоров.
– Проектот е во завршна фаза и се чека ревизијата и ако таа заврши ќе почне да се реализира пред изборите, а ако не тоа ќе биде по изборите, а во согласност со процедурите и сите закони, потенцира министерот Тодоров.
Според Тодоров, со сите овие нови инвестиции во велешката болница во многу ќе се подобрат здраствените услуги за граѓаните.
Директорот на велешката болница д-р Атанас Василев, искажа благодарност до Министерството за здравство за набавката на нови апарати и најавите за нови капитални инвестиции во болницата со кои ќе се подобрат здраствените услуги за пациентите.
– За реновирање на инфективното одделение и за термофасада преку Фондот за здравство се легнати средствата на наша сметка и се чека да заврши потребната процедура за да пристапиме со реконструкциите. Ако не биде пред, ќе биде по изборите, во секој случај ќе биде завршено во текот на оваа 2016 година, најави д-р Василев.