
Со одлука на Владата, и официјално почна реорганизацијата на јавните здравствени институции во Прилеп.
Според Драган Богојески, в.д. директор на Општа болница со проширена дејност, во една установа ќе се спојат Болницата, Здравствениот дом и Итната медицинска помош.
– Во тек се активностите за административно спроведување на таа одлука од Владата со која сега во едно ќе функционираат јавните здравствени установи во Прилеп. Главно, службите во Болницата и во Здравствениот дом остануваат да функционираат. Постепено, како ќе се создаваат приликите, тие служби од Здравствениот дом ќе се инкорпорираат во Болницата. Прво, за да се намали непотребното удвојување на кадарот и на администрацијата и да се намалат просториите во кои ќе се троши енергија – објаснува Богојески.
Службата на Итната медицинска помош од досегашниот стар објект треба да се префрли во рамките на болничката зграда.
– Планот е Итната медицинска помош да се префрли во рамките на Болницата, да нема препраќање на пациентите од Службата во Ургентното одделение. Имаме идеи и ќе ги спроведуваме овој нареден период – вели Богојески.
Процесот ќе се одвива во наредните месеци и ќе се црпат искуствата од други градови каде реорганизацијата е спроведена, како што се Кавадарци, Гевгелија, Кочани.
Допрва ќе се разговара помеѓу тимовите на Градската болница и на Здравствениот дом за да се разгледаат состојбите.
Прилепската Болница се справува со зголемување на трошоците, посебно зголемени во пандемијата.
– Болницата има околу 30 милиони денари обврски кои се сметаат за занемарливи според податоците за другите болници. Обврските се релативно мали, посебно се должат на периодот со ковид-ситуацијата. Лекувањето е бесплатно, а партиципацијата е сведена на 10-кратно помала – вели Богојески.
Во моментов, во Болницата на трите ковид-одделенија: Инфективното, Очното и Ушното одделение, се лекуваат 35 пациенти. Пред еден месец е затворен ковид-одделот на Гинеколошкото, а деновиве и на Интерното одделение. Ситуацијата со ковид-19 е стивната во овој период и од прилепската болница се надеваат дека бројот на новозаразени ќе опаѓа.