Болничарите и возачите со 5 отсто повисоки плати, администрацијата без зголемување

По два протести техничкиот персонал во здравството успеа да се избори за покачување на платите.

Болничарите и возачите од февруари ќе добијат за 5 проценти повисоки плати, пренесе телевизија Сител.

Без покачување остана само администрацијата за која министерот Венко Филипче и на прес-конференцијата во Владата вели дека не може да се издвои од останатата администрација.

Од 20.000 здравствени работници 18.300 од февруари ќе имаат поголеми примања.

Најголема плата, поголема за 40 отсто од февруари ќе добијат клиничките лекари.

За покачувањето на платите во здравството издвоени се 18 милиони евра.

Повисоки плати од следниот месец ќе добијат здравствените работници, лекари, медицински сестри и здравствени соработници и младите лекари специјализанти и помошно техничкиот персонал.

Министерството за здравство и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Синдикатот на Клинички центар постигнаа договор за анексите на двата колективни договори и тој е потпишан неколку дена пред почнување со работа на техничката влада, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, јави МИА.

Според него, станува збор за договор до кој дошло по инклузивен и отворен процес на социјален дијалог, кој го воделе во континуитет во изминатите години, имајќи предвид, како што рече, дека ова зголемување на платите е практично трето  во последните две години, а четврто ако се вклучи и зголемувањето на процентите за дежурства.

Новото последно зголемување, здравствените работници, лекари, медицински сестри и здравствени соработници и младите лекари специјализанти и помошно техничкиот персонал ќе го добијат од февруари годинава, со мартовската исплата. Има зголемување од 20 отсто за наставниот кадар, за лекарите специјалисти ширум државата е предвидено зголемување од 25 отсто, општите лекари – 15 отсто, медицинските сестри – 10 отсто, здравствените соработници 5 отсто и исто толку проценти за помошно техничкиот персонал, рече Филипче.