Ако постои министерство кое е одговорно за состојбата на сите граѓани во државата од раѓање до последниот ден, тоа е – министерството за здравство. Затоа, болното здравство создава болна држава но, уште повеќе – кога државниот систем е “болен“ и неспособен прво и најмногу страда – здравството и создава последици за сите, пишува vecer.mk.
Не е потребна никаква фактографија на крајно очигледните факти за состојбата во здравството последниве години бидејќи секоја фамилија тоа го чувствува на свој грб, секој го гледа и плаќа даноци за што не добива – ништо, освен трауми, хаос и страв. Јавното здравство е полно со нестручен кадар кој и нема услови за усовршување, директори кои не зборуваат македонски јазик и корупција од чувар до министер.
Дали проблемот е во луѓето, или во системот?
Дека проблемот е до државата и властите, а не до луѓето во Македонија, доказ е постојаното подигање на стручноста, условите и резултатите во приватниот сектор. Тоа што се уште има решенија за болните, има место каде можат да побараат и добијат соодветна стручна помош се приватните клиники, пред се во Скопје, на кои работат истите луѓе што претходно работеле во хаосот на јавното здравство но, во поинакви услови и околности истите лекари даваат немерливо подобри резултати.
Од банални здравствени проблеми и потреби, па се до најсложените хирушки зафати, приватните клиники Жан Митрев, Систина, Промедика… се во состојба да испорачаат лекување кое е во врвот на регионалните резултати. Значи, се може, се знае и се има решение, но, за тоа решение се плаќа дополнително. Зошто граѓанинот да плаќа дополнително ако веќе плаќа во буџетот, а власта парите ги проневерува.
Арбен Таравари, доктор и поранешен министер за здравство во април 2022 за Бирн изјави дека кога станува збор за здравството, Македонија е „земја на парадокси“.
„Според моето искуство, имаме најлуксузно и најквалитетно приватно здравство во целиот регион, а од друга, најлошо јавно здравство“, вели докторот Таравари.
Накусо, парите од буџетот наменети за здравство се крадат низ наместени тендери, пропаѓаат капитални проекти како Клиничката болница Штип, Клиничкиот центар Скопје, нема опрема, нема усовршување на лекарите, се вработуваат партиски војници кои внесуваат корупција и тензии меѓу вработените и – системот паѓа, а пациентот умира.
Македонското здравство, јавното, последните седум години буквално убива луѓе, независно дали се работи со корупцијата околу Ковид вакцините, корупција со фармацевтите, или крадењето цитостатици на Хаматологија, и се помеѓу тоа…
Дали може поинаку, бидејќи во здравството секој загубен ден или недела значи и смрт за некој пациент за кој имало спас во нормални и стандардни услови? Има. Потребни се акции во најмалку три правци.
Прво, треба да се одржи и унапреди и плати она што е добро, што веќе го има и функционира како пример дека може поинаку, а тоа е нивото на приватните здравствени услуги, од матичен лекар и стоматолог па се до базичните, капитални капацитети како клиничките болници Жан Митрев, Систина и Промедика.
Парите се на граѓаните и тие треба да се користат за нивни здравствени потреби, без оглед кој ги дава, ако се ефикасни и ако граѓанинот има доверба. Тоа значи дека ако одбере приватна клиника за лекување, нема потреба од екстра плаќање за самата операција да зема кредит за да ја плати услугата. Граѓанинот треба да има право, ваучер со одредена вредност за секоја здравствена услуга кој ваучер, односно износ од буџетот, се плаќа на оној кој граѓанинот го избрал за лекување.
Накусо, ако операцијата во јавниот сектор буџетот го чини 1.000 евра, тогаш ваучерот на 1.000 евра е во располагање на граѓанинот и тој одлучува каде ќе се оперира, а владата ќе плати каде тој одбрал, без оглед дали се лекува во приватна или јавна клиника. Државата е должна да обезбеди примарни здравствени услуги, а се друго јавниот здравствен сектор ќе мора да го заработи со многу труд и углед.
Разликата во трошоци на сметка на граѓанинот може да се јави само во цената на сместување и слично, што е минимална разлика во однос на она што се плаќа сега.
Со ова се врши радикално намалување на корупцијата која ја има само во јавното здравство, се врши пазарна и надворешна јавна селекција на добри и лоши лекари и клиники, и се одржува нивото и севкупната здравствена услуга во државата бидејќи секој се бори за пациентот и неговата доверба, односно неговиот ваучер.
Втор правец: елиминација на корупција и обука на лекарите и персоналот во јавното здравство во странство. Потребна е темелна истрага на секој познат и дојавен случај на корупција и без задршка отстранување и судење на тие појави.
Поради условите за работа пред се, а дури потоа за повисока плата, најдобрите лекари преминаа во приватните клиники, она што остана или има интерес за заработка од корупција ако е на таква позиција, или во голем дел (секако не сите) е недоволно стручен кадар на кој му треба дообука платена од државата.
Обуката на персоналот во здравството, проект кој се реализирше околу 4 години, покажал дека над 70 отсто од докторите коишто биле на едукација вовеле нови методи во својата матична здравствена установа или пак методи коишто не биле порано практицирани во ниту една друга македонска здравствена установа. Во тоа време над 2 500 здравствени работници беа едуцирани во реномирани центри во универзитетски клиники, во болници во повеќе земји во Европа што имаат развиен здравствен систем.
И, на крај, третиот правец во кризниот менаџмент: план и реализација. Новата влада има три точки, што се однесува генерално на здравството: намалување до укинување на корупција со реформи во секторот на управување и вработување неквалификуван кадар преку партиски или етнички клуч и вработување на 500 лекари плус 500 медицински сестри.
Интегрирање со изградба на четири нови клинички центри: два во Скопје, Тетово и Штип и реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола и зголемување на платите во здравството за 20%…
Законска можност лекарите од јавниот здравствен сектор да даваат услуги и во приватниот што е револуција во односот затоа што така се стекнуваат и нови искуства, допир со организирана средина на повисоко ниво во приватното здравство, поголема можност пациентот навремено да добие услуга, дополнителни приходи за лекарите… Тоа е веќе конкретен план.