Болоња извојува реми во петтата минута од судиското надополнување

Во првиот натпревар од 19. коло на италијанското фудбалско првенство, Болоња и Џенова во петокот вечерта одиграа 1:1, а домашните израмнија во петтата минута од судиското надополнување.

Гостите поведоа во 20. минута со голот на Алберт Гудмундсон, а израмни Лоренцо Де Силвестри во петтата минута од судиското надополнување. Тоа беше натпревар во кој домашната екипа доминираше практично во сите сегменти од играта, но Џенова водеше до судиското продолжемние на натпреварот.

Гостите поведоа во 20. минута со голот на исландскиот напаѓач Гудмундсон, кој погоди од слободен удар. Болоња продолжи да притиска, но Жосеп Мартинез бранеше брилијантно. Сепак, во петтата минута од времето на запирање, тој не можеше да стори ништо. Де Силвестри го направи најдоброто во мешаницата по изведениот корнер и десет минути по влегувањето во играта успеа да израмни.

Во последните моменти на натпреварот, Гудмундсон повторно можеше да го шокира стадионот „Ренато Даларо“. Во осмата минута од судиското надополнување гостите добија слободен удар на 20 метри, Гудмундсон шутираше, но овојпат го погоди горниот дел од стативата.

Болоња е моментално петта на табелата со 32 бодови, додека Џенова на 12-та позиција со 21 бод.