![bolsonaro pretsedatel brazil](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/08/bolsonaro-pretsedatel-brazil.png?resize=643%2C353&ssl=1)
Бразил нестрпливо го чека признавањето на поразот на претседателот Жаир Болсонаро, кој не зборувал по објавувањето на победата на Луис Инасио Лула да Силва на претседателските избори.
По поразот на изборите со мала разлика (50,9 отсто наспроти 49,1 отсто), претседателот во заминување, кој ја напушта функцијата на 1 јануари, се затворил во својата официјална резиденција во Алворадо, Бразилија. Тој утрово без коментар дошол во палатата Планалто, во претседателскиот кабинет.
Таа мачна тишина, за која Лула рече дека го загрижува, потсетува многу Бразилци дека Болсонаро постојано се закануваше дека нема да го признае изборниот резултат доколку загуби. Ваквата атмосфера на неизвесност се одрази и на берзата во Сао Паоло.
Загрижувачки е и тоа што возачите на трактори и другите демонстранти, поддржувачи на Болсонаро, од кои многумина носеа жолти и зелени маици, симбол на крајната десница, ги блокираа главните патишта во најмалку единаесет бразилски држави.
Барикадите направени од запалени гуми и возила се поставени на главните патишта во Мато Гросо, на запад, рече концесионерот Рота Оесте, кој управува со автопатот во таа земјоделска држава која е склона кон Болсонаро, но и на патиштата во Парана и Санта Катарина на југ, исто така упоришта на претседателот во заминување.
Блокиран е и автопатот што го поврзува Рио де Жанеиро со Сао Паоло, на југоисток, а не е јасно дали блокадата е спонтана или организирана од политичка групација.