Бомбаш самоубиец со камион уби осум авганистански војници

– Бомбаш самоубиец со камион се втурнал во воен конвој и убил најмалку осум авганистански војници, соопшти Министерството за одбрана. Во нападот, изведен во провинцијата Мајдан Вардак, се повредени уште девет војници.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, но талибанците и припадниците на локалната ќелија на Исламска држава на ваков начин, веќе рутински ги напаѓаат авганистанските безбедносни сили, пренесуваат американските медиуми.

Талибанците ги интензивираа нападите низ Авганистан и покрај потпишувањето на мировниот договор со САД во февруари годинава. Договорот беше потпишан со цел да се отвори пат за разговори меѓу бунтовниците и авганистанската Влада, што ќе создаде услови за завршување  на децениската војна.

Разговорите требаше да почнат овој месец, но процесот е запрен заради бавното спроведување на договорот за ослободување на затворениците.

Со мировниот договор авганистанската Влада презеде обврска да ослободи 5.000 заробени талибанци во замена за ослободување 1.000 заробени членови на владата. Досега, владата ослободи повеќе од 4.200 талибанци, а тие околу 800 владини членови.