Бомбашка самоубиец се разнесе на пазар во североисточна Нигерија убивајќи најмалку 27 луѓе, објавија локалните власти кои наведуваат дека нападот ги има сите обележја на екстремната исламистичка групација Боко Харам.
Уште двајца бомбаши самоубијци ги детонирале експлозивните направи на влез во блискиот бегалски камп, при што се ранети десетици луѓе, соопшти нигериската служба за вонредни ситуации.
Вкупно 83 луѓе се ранети во трите експлозии крај градот Маидугури, центарот на долгогодишните судири меѓу Боко Харам и владините сили.
Џихадистичката група Боко Харам чијшто бунт започна пред осум години и нема знаци дека ќе запре и покрај последните успеси на нигериската армија која во декември 2016 година го уништи нејзиниот клучен логор во североиточната шума Симиса.
Иако грабнувањето од 220 девојчиња од женско училиште во напад изведен пред тир години во Чибок е најпознато, групата Боко Храм се проценува дека грабнала повеќе од илјада возрасни лица и деца, а многу од тие случаи минале медиумски незабележано и се забошотени. За грабнатите лица често се бара откуп, а децата исламистички се индоктринираат и подоцна се користат за изведување самоубиствени бомбашки напади особено на јавни места кои се многу посетувани од цивили, како пазари, цркви и џамии, кои последните години се сé почести.
Иако армијата тврди дека го задушила бунтот, големи делови од североистокот, особено сојузната држава Борно уште се изложени на заканите на милитантите, а самоубиствените напади зачестија по завршувањето на сезоната на дождови кон крајот на 2016 година.
Џихадистичката група Боко Харам, која ѝ изрази лојалност на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава, на почетокот од 2015 година контролираше област на североистокот од Нигерија со големина на Белгија, но во текот на ланската и оваа година нигериската војска и силите на соседните држави во кои исто така дејствуваше ова движење го потиснаа од поголемиот дел од тие територии до неговата база во шумата Самбиса.
Во Нигерија, особено изразено последните осум години, дејствува радикалната исламистичка група која некои ја сметаат и за секта – Боко Харам која е основана во 2002 година. Таа настојува во северна Нигерија да формира исламска држава во којашто ќе владее најстрогото толкување на шеријатското право и се противи на западниот модел на образование што всушност и значи нејзиното име „Западното учење е забрането“ на локалниот хауса јазик.
Групата стои зад повеќето терористички напади во градовите и масакри во руралните области на земјата и се смета за одговорна за повеќе од дваесет илјади жртви и 2,6 милиони раселени лица од 2009 година.
Боко Харам се смета за најголемата безбедносна закана не само за Нигерија, којашто е најбројната африканска нација чии околу 180 милиони жители се поделени речиси половично на христијани и муслимани, најголемата африканска економија и производител на нафта, туку и за соседните држави.