Борбата против корупцијата е само теоретска, во практика е ретко видлива

Борбата против корупцијата во практика е ретко видлива и таа е само теоретска, сепак свеста на граѓаните во однос на штетните последици од корупцијата е сѐ поголема, порачаа учесниците на денешната завршна конференција во рамки на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата“.

Претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска потенцира дека вистинска ефикасна и ефективна борба против корупцијата, е сè уште на незадоволлително ниво, како и дека постои големо незадоволство кај граѓаните, и генерално мислење дека има многу корупција во секој сегмент на општествениот живот.

-Она што претставува најголем проблем е сузбивањето на корупцијата во исто време и праксата во насока на одговорност за оние кои ја предизвикале, ја поддржувале, ја прават таа корупција на многу ниско ниво. Она што значи активност во пракса, она што значи покажување вистинска, ефикасна и ефективна борба против таа корупција, сѐ уште не сме на некое завидно ниво или да кажам дека сме на почетно ниво, изјави Николовска.

Таа додаде дека Собранието сè уште нема преземено активности да го стави на дневен ред Извештајот на Антикорупциска, а од него треба да се извлечат заклучоци и да се види реалната слика што е направено, што треба да се направи, и како да се реализира таа стратегија.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Биљана Иванова, со цел да ги истакне предизвиците во спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, подвлече дека се уште се чека на усвојување на нивниот извештај во Собранието.

– До 31 март 2022 го доставивме годишниот извештај за исполнување на активности предвидени во Националната стратегија, беше разгледан само од Комисијата за политички систем, со укажување дека понатаму треба да биде ставен на пленарна Седница и Собранието да го усвои, изјави Ивановска.

Потенцира дека од страна на Собранието добиле позитивни сигнали кои предизвикале очекувања дека извештајот ќе биде усвоен во најскоро време.

-Се надевавме дека ќе биде усвоен, бидејќи минатата година ни беше ветено во Собранието дека доколку некој од Секторите не ги исполнат активностите кои се предвидени, ќе бидат свикани надзорни Комисии пред кои што одговорните ќе дадат отчет за причините поради кои не биле спроведени активностите, тоа беше охрабрувачки, работевме напорно, но за жал, ниту активностите се завршени, само 20 проценти се реализирани, ниту пак некој е повикан на отчет, потенцира Ивановска.

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска пак, од друга страна рече дека прогресот во борбата против корупцијата, сепак, бара енергија и постепена работа.

-Ние во овој краток период остваривме добра, би рекла одлична соработка со Антикоруцписка комисија, со Државниот завод за ревиизија, редовно покренуваме прашања, и даваме насоки во исполнување на препораките. Свесна сум дека за жал ваквиот прогрес не може да биде преку ноќ, ова се политики кои бараат многу енергија за доближување сентиметар по сантиметар, но важна е главната цел, меѓутоа динамиката од нас е крајно максимална можна, но за покренување повидливи резултати во јавноста треба повеќе време, појасни Грковска.

Проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата“, финансиски е поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Главната цел е следење на имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси преку исполнување на мерките на Владата и иницијативите кои се составен дел на планот во борбата против корупцијата насловен како „Акција 21”.