Борби ширум Појасот Газа, додека Израел фрла летоци во потрага по своите заложници

Израел погоди цели низ Појасот Газа во саботата, а неговите авиони фрлаа летоци во јужната област на градот Рафах во кои бараа помош од Палестинците кои се засолнети таму да ги најдат заложниците држени од Хамас и неговите сојузнички милитнатни групации, велат жителите.

Палестинските милитанти се судрија со тенковите кои се обидуваа да навлезат во источното северно предградие на Газа – Џабалија, од каде Израел почна да ги повлекува своите војници и да спроведува операции од помал обем, изјавија жителите и милитантите.

Израелската војска соопшти дека авионите ги нападнале единиците на милитантите кои се обидувале да постават експлозиви во близина на израелските борбени единици и да лансираат ракети врз тенкови во северниот дел на Газа, додавајќи дека бомбардираат цели ширум енклавата.

Очевидци во јужната област на Кан Јунис, каде што Израел вели дека ги проширил своите операции против Хамас, велат за светските новински агенции дека израелските тенкови целеле области околу болницата „Насер“ во текот на ноќта, опишувајќи го нападот како најинтензивното гранатирање во последните неколку дена.

Болницата „Насер“ во моментов е најголемата болница во Појасот Газа којашто сѐ уште е делумно функционална. Израел тврди дека борците на Хамас оперираат во и околу болниците, вклучително и билницата „Насер“, што Хамас и медицинскиот персонал го негираат, иако Тел Авив понуди некои видео- снимки и фотографии за кои тврди дека се доказ.

Израелската војска соопшти дека извршила рација во „воен објект“ во Кан Јунис, неутрализирала ракетни фрлачи и пронашла експлозив складиран под земја, а авионите погодиле двајца милитанти таму.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека 165 лица загинале а уште 280 други се ранети во израелските напади во изминатите 24 часа, што го прави еден од најсмртоносните денови во годината. Министерството не соопштува колку од загинатите се борците или цивили во објавената статистика. Но, повеќето од 24.927 Палестинци убиени од почетокот на војната на 7-ми октомври се цивили, од кои најмалку третина се деца. Тоа се совпаѓа со податоците на израелската војска, според кои во борбите се убиени повеќе од 8.000 милитанти на Хамас.

Израел вети дека ќе го уништи Хамас во Газа откако неговите борци изведоа напад без преседан врз пограничнмите воени бази, градови и кибуци во јужниот дел на Израел на 7-ми октомври, убивајќи 1.200 луѓе, две третини цивили на најразлични возрасти, и земајќи 253 заложници во енклавата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот објави дека војната ќе продолжи сѐ додека Хамас не биде поразен и останатите заложници не бидат ослободени.

За повеќе од 100-те дена војна, израелската копнена, воздушна и поморска офанзива опустоши голем дел од Газа, раселувајќи го најголемиот дел од населението од 2,4 милиони луѓе, при што многумина беа принудени постојано да се движат и да бараат засолниште во шатори кои не обезбедуваат доволна заштита од временски услови и болести, според Обединетите нации.

Во Рафа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци, Израел фрли во саботата летоци со фотографии на 33 заложници со нивните имиња напишани на арапски, повикувајќи ги раселените луѓе да помогнат во пронаоѓањето на заложниците. „Дали сакате да се вратите дома? Ве молиме јавете се ако препознаете некој од нив“, условува во описот на летоците.

„Тие бараат помош од народот, бидејќи не можат да ги вратат заложниците поради отпорот. Крај на војната, Нетанјаху, и ќе го вратиш својот народ“, порачува преку изјава за Reuters Абу Али, жител на северниот дел на Појасот Газа.

Повеќе од 100 луѓе киднапирани од Хамас беа ослободени по краткотрајниот прекин на огнот во ноември. Израел тврди дека 132 сѐ уште се во Газа, од кои 27 биле убиени или починале во заложништво.

Семејствата на заложниците во Израел кампуваа пред резиденцијата на Нетанјаху во крајбрежниот град Цезареја. „Тој треба да избере договор и да стави крај на заложничката сага“, рече Ели Стиви, чиј син Идан е заложник во Газа.