Борел: ЕУ се соочува со анимозитет од муслиманските земји поради ставот кон Газа

Шефот на дипломатијата на Европската унија Жозеп Борел денеска предупреди дека Унијата се соочува со непријателството на муслиманските земји поради нејзиниот став за настаните во Газа и обвинувањата за двојни стандарди кон Газа и Украина.

Борел изразил загриженост дека различните ставови на земјите од Европа и Блискиот Исток може да доведат до недостиг на поддршка во Украина на глобалниот југ, како и способноста на ЕУ да влијае и да инсистира на човековите права во меѓународните договори, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека Европската унија мора да покаже „повеќе емпатија“ кон палестинските цивилни жртви на војната меѓу Израел и Хамас.

За време на неговата турнеја на Блискиот Исток, Борел ги посети остатоците од израелската населба Бери, уништени на 7 октомври, како и Западниот Брег, Бахреин, Катар и Јордан.

Шефот на европската дипломатија откри дека добил индикации од разговорите со одредени министри на земјите од Блискиот Исток дека Украина нема да ја добие поддршката од тие земји на следното гласање на Обединетите нации. Како одговор на критиките, Борел посочи дека сите животи се подеднакво вредни и ја повика Европа да инсистира на хуманитарна пауза и доставување помош за жителите на Газа.

Како одговор на арапските барања за итен прекин на израелското бомбардирање на Газа, Борел ја повика ЕУ да започне разговори за резолуцијата меѓу двете земји и да покаже дека членките се грижат за спасување на животите на цивилите во Појасот Газа, пренесува Танјуг.