Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ги поздрави одлуките на Белград и Приштина за регистарски таблички, кои овозможија укинување на режимот на налепници и слободно движење на возилата.
„ЕУ ги поздравува одлуките на Косово и Србија официјално да ги признаат меѓусебните регистарски таблички на возилата и целосно да го укинат режимот на налепници“, изјави Борел, како што соопшти Европската служба за надворешни работи.
Борел оцени дека оваа одлука претставува позитивен чекор во имплементацијата на Договорот, како и во досегашните обврски од дијалогот за слободата на движење.
„Тоа покажува дека е можно да се постигне напредок во подобрувањето на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и ја потврдува важноста од продолжување на работата во рамките на Дијалогот со посредство на ЕУ“, рече Борел во изјавата.