Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави во понеделникот дека Израел предизвикува глад во палестинската енклава Појсот Газа и го користи гладот како оружје во војната, обвинение што израелскиот министер за надворешни работи го отфрли.
„Луѓето во Газа веќе не се на работ на глад, туку се во состојба на глад и илјадници луѓе се погодени. Ова е неприфатливо. Гладувањето се користи како оружје за војна. Израел предизвикува глад“, прецизираше Борел на отворањето на конференцијата за хуманитарна помош за Газа во Брисел.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац одговори повикувајќи го Борел „да престане да го напаѓа Израел и да го признае нашето право на самоодбрана од злосторствата на Хамас“. Кац во објавата на X рече дека Израел дозволил „масовна хуманитарна помош во Газа по копно, воздух и море за секој што сака да помогне“, но дека помошта била „насилно попречена“ од милитантите на Хамас со „соработка“ на UNRWA.
И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Појасот Газа се соочува со глад и дека итно треба да се прогласи прекин на огнот.
„Газа се соочува со глад и ние не можеме да го прифатиме тоа. Сега е клучно брзо да се постигне договор за прекин на огнот што ќе ги ослободи заложниците и ќе овозможи повеќе хуманитарна помош да стигне до Газа“, изјави Фон дер Лејен за новинарите во неделата во Каиро по потпишувањето на договорот за стратешко партнерство со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
Главната агенција на Oбединетите нации која работи во палестинската енклава, Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA), предупреди дека секое трето дете на возраст под две години во северниот дел на Појасот Газа е акутно неухрането, а населението е изложено на ризик од глад. .
„Неухранетоста кај децата брзо се шири и достигнува невидени нивоа во Газа…“, објави UNRWA на социјалните мрежи.
Болниците во Газа објавија дека „децата умираат од неухранетост и дехидрација“. ОН постојано предупредуваа дека се соочуваат со „огромни пречки“ како што се затворање на премини, строги контроли, ограничувања на движењето и немири во Газа.