Напредокот во преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово не беше можен бидејќи двете страни поставија предуслови кои беа неприфатливи за другата страна, изјави во четвртокот високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.
„За жал, договорот не беше можен поради предусловите што ги постави секоја од страните, а кои беа неприфатливи за другата страна“, рече Борел во четвртокот навечер.
Во четвртокот, на маргините на самитот на ЕУ во Брисел, Вучиќ и Курти одделно со часови разговараа со лидерите на Германија, Франција и Италија, Олаф Шолц, Емануел Макрон и Џорџа Мелони и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Борел рече дека формирањето заедници со српско мнозинство е голема пречка за нормализирање на односите.
„За да им помогнеме на двете страни да постигнат договор, ние заедно им предложивме европски, сериозен и избалансиран предлог за формирање на заедница на општини со српско мнозинство и инсистиравме да ја искористат оваа можност, што би било големо подобрување во процесот на нормализација и да се избегнат инциденти“, рече Борел.
Додаде дека ЕУ ќе продолжи да инсистира на продолжување на дијалогот за нормализација, што е единствениот начин двете страни да напредуваат на европскиот пат.
Косовскиот премиер Албин Курти во четвртокот во Брисел изразил подготвеност да го потпише договорот за патот кон нормализација и неговиот анекс за имплементација и тврдеше дека српскиот претседател Алекснадар Вучиќ одбил да го стори тоа.
„Република Косово го прифати основниот договор предложен од Европската унија на 27 февруари 2023 година и анексот за негова имплементација од 18 март 2023 година во Охрид“, се вели во соопштението на Курти во кое не даде никакви изјави по серијата разговори коишто траеја цело попладне.
Вучиќ во четвртокот, по серијата состаноци, на новинарите им рече дека не е точно дека одбил да потпише денеска, бидејќи немало дискусија за тоа.
„Тоа се трикови на приштинските власти, кои тврадат за нивните медиуми дека Вучиќ наводно одбил, а поентата е дека не се работи за потпишување, туку за спроведување на она што некогаш било потпишано и е договорено во меѓувреме“, рече Вучиќ.
Додаде дека на тие средби не се зборувало за никакво потпишување, туку за имплементација на претходно потпишаното, меѓу другите договори за формирање заедница на општини со српско мнозинство од 2013 година, што сѐ уште не е спроведено.
„Србија, во согласност со својата политика, јасно кажа дека сака да се спроведат сите договори, од оној за формирање на заедница на општини со српско мнозинство од 2013 година до оние кои подоцна беа постигнати во Брисел и Охрид“, изјави Вучиќ.
Вучиќ додаде дека секогаш нагласувал дека Србија не може да прифати членство на Косово во ОН или независност на поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија којашто еднострано во 2008 година со поддршка на западните земји предводени од САД прогласи незавосност, но дека е подготвена да спроведе сѐ што е договорено. Тој рече дека последниот европски предлог за статутот на зЗедницата на општините со српско мнозинство претставува добра основа за продолжување на работата во иднина.