Борел: Израел го финансираше Хамас за да ја ослабне Палестинската управа

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави во петокот дека државата Израел го финансирала палестинскиот исламистички Хамас со цел да ја ослабне палестинската власт.

Изјавата на Борел е во контекстот на сѐ почестите пишувања на светските медиуми кои се повикуваат на тајни документи, дека израелските и западните разузнавачки служби во 1980-те години го поттикнале формирањето на радикалниот исламистички Хамас, за да го поткопаат влијанието на секуларната Палестинска ослободителна организација (PLO) на тогашниот палестински лидер Јасер Арафат, чиј дека е ривалското движење Фатах.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли обвинувањата на неговите противници во Израел и некои светски медиуми дека неговата влада со години активно го охрабрува Хамас во Газа.

„Да, Хамас е финансиран од владата на Израел за да ја ослабне Палестинската самоуправа, предводена од Фатах“, рече Борел во говор на Универзитетот во Ваљадолид, но не навлезе во детали за наводното финансирање, објавија израелските медиуми.

Хамас победи на сепалестинските избори во 2006 година во Појасот Газа,  а во 2007 година, откако поразениот Фатах беше охрабруван од Израел и САД да не ја прадава власта на радикалното движење, Хамас насила ги протера министрите и политичарите од на движењето на  палестинскиот претседател Махмуд Абас. Оттогаш, Палестинската управа на Абас управува само со другата палестинска територија, окупираниот Западен брег, каде и покрај противењето на меѓународната заедница Израел континуирано гради доселенички еврејски населби последните години засиливајќи го со тоа влијанието на милитантните групации и во оваа палестинска енклава.

САД, заедно со другите земји, се залагаат Палестинската самоуправа да ја вратат контролата врз Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас, но под услов да се реформира.

Борел во продолжението од обраќањето во Ваљадолид рече и дека создавањето на палестинска држава, што е предвидено и со повелбата на Обединетите нации од 1947 година за формирањето на Државата Израел, е единственото решение што води кон мир.

„Сметаме дека само решението со две држави наметнато однадвор би довело до мир, иако Израел инсистира на спротивното“, изјави Шпанецот.

Израел критикуваше голем број земји, вклучително и Шпанија на Борел, која повикува на независна Палестина, тврдејќи дека тие покажуваат симпатии кон Хамас.