Денешната дискусија со учесниците во дијалогот меѓу Србија и Косово беше тешка како и секогаш, а трилатералната средба не се одржа бидејќи премиерот на Косово Албин Курти постави три услови за спроведување на договорот, на кои Александар Вучиќ не се согласи, изјави по средбите Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност.
Борел посочи дека Косово не е подготвено за средба со претставниците на Србија, додека српската страна е подготвена да го продолжи дијалогот. Тој изјави дека Курти претставил три услови за натамошно вклучување на Косово во процесот на нормализација, пишува Н1.
Првиот услов е Договорот за нормализација да се формализира и Србија да го потпише тој документ од 2023 година, што според Борел е старо барање. Втората е Србија да го повлече писмото што тогашната премиерка Ана Брнабиќ го испрати до ЕУ во декември 2023 година, во кое изразува резервираност во врска со обврските што произлегуваат од договорот за патот кон нормализација на односите со Косово, вклучително и анекс за имплементација – таканаречениот Охридски договор.
Третиот и последен услов на Курти за продолжување на нормализацијата е Србија да го предаде Милан Радоичиќ и неговата „паравоена терористичка група“.
Борел изјави дека Србија не е подготвена да ги исполни барањата на Косово, повикувајќи се на уставните ограничувања. Високиот претставник додаде дека Вучиќ покажал дека е подготвен да ги истражи опциите за повлекување на писмото на Брнабиќ и официјализирање на Договорот „во согласност со досегашната практика на Дијалогот за да се деблокира спроведувањето на Договорот“.
„Позициите на двете страни остануваат оддалечени од имплементацијата на Договорот, а со тоа и од продолжување на процесот на нормализација. Како што реков претходно, Европската унија не може сама да сака нормализација на односите ако двете страни не се договорат како да се оди напред“, рече Борел.